СОВЕТНИК НА ДУИ ОД ГАЗИ БАБА, СИНОТ НА ГЛАВНАТА УРЕДНИЧКА И ЕДЕН ИЗБРКАН НОВИНАР ОД МРТВ ОТИ НЕ ДОАЃАЛ НА РАБОТА, ИМ ГИ ЗЕМАА МЕСТАТА НА ДОЛГОГОДИШНИ НОВИНАРИ ВО РАДИОТО НА АЛБАНСКИ ЈАЗИК

    СОВЕТНИК НА ДУИ ОД ГАЗИ БАБА, СИНОТ НА ГЛАВНАТА УРЕДНИЧКА И ЕДЕН ИЗБРКАН НОВИНАР ОД МРТВ ОТИ НЕ ДОАЃАЛ НА РАБОТА, ИМ ГИ ЗЕМАА МЕСТАТА НА ДОЛГОГОДИШНИ НОВИНАРИ ВО РАДИОТО НА АЛБАНСКИ ЈАЗИКНа обвинувањата за непотизам, нерегуларности и бутање партиски и анонимни кадри без искуство по редакциите преку серијата огласи во МРТВ, не добивме одговор од директорите Цветковски и Вулгаракис, зашто се на службен пат во Јапонија. (Фото: СДК.МК)

    Четворица новинари од редакцијата на Радиото на албански јазик, од кои тројца со повеќегодишно, па и со децениско искуство на докажани и вредни радионовинари, извисија на огласот за трајно вработување.

    Местата на овие долгогодишни хонорарци им ги земаа партиски и деца на уредници, велат изиграните на огласот во јавниот сервис МРТВ, плаќан од пари на граѓаните. На чуден, но и на крајно подмолен начин со задоцнети потпишувања на договорите на определено време низ годиниве, шефовите на некои од хонорарните радионовинари им направиле дупки во стажот и од 4 месеци во годината, за да ги дисквалификуваат на конкурсот.

    Така, местото на искусниот новинар Шпенд Амети од Радиото на албански јазик му го зел советник од ДУИ во Општина Гази Баба. На останатите тројца, докажани новинари во оваа редакција: Беким Лачи и Јетмир Бела, како и на младиот Суат Алиу, местата им ги земале бивш вработен во МРТ, избркан од работа затоа што не доаѓал и зашто не ги извршувал работните задачи, а решение за работа добил и синот на главната и одговорна уредничка на МРТ2 Миѓена Горенца.

    „Јас сум Шпенд Амети, имам 29-годишно работно искуство во новинарството, со две дипломи од Лондон – едната за музички продуцент, другата за радиопродуцент. Со проектите за обука што ги донесов од ОБСЕ и од Би-Би-Си, во МРТВ влегоа прво 600.000 евра, па додатни 320.000 евра, на што сум многу горд. На моето место примија советник од ДУИ во Општина Гази Баба. Истово ми го направија во 2015 година, кога со документите што ги поднесов во прилог ги ставив и препораките од ОБСЕ и од други меѓународни организации со кои сум соработувал во рамки на мојата професија. Јас бев во секторот за развој на медиуми. Кога се појавив на интервју, членовите на комисијата од овдешни раководни луѓе доживеав да ми речат: ’Кој сте вие колега, ние не ве познаваме’. До ден-денешен тие документи не ми ги вратија“, вели Амети.

    Нему претпоставените овојпат му рекле пријави се, имаш шанса да добиеш решение.

    „Но што се случи? Вештачки ми направиле празнина во хонорарниот стаж, од 4 месеци. Каде ја играат тие валканата игра?  Договорите не ни ги даваат да ги потпишуваме на ист датум, на пример на почетокот на месецот, туку на различни, се пооддалечени датуми. На пример, сега на први, следниот договор на 26-ти, потоа на 31-ви, и така излегло дека немам континуиран работен стаж цели 4 месеци. На овој многу подмолен начин, ме дисквалификуваа на овој оглас. Моето законско право да се вработам, ми го одзедоа“, вели долгогодишниот новинар Шпенд Амети, добитник на плакета од Македонско радио за 60 години МРТ, што ја добиле уште и првиот претседател Киро Глигоров, неколку академици и дипломати, и другата од директорката на МРТВ, на албански, плакета за Радио Шкупи.

    Амети најмил адвокат, ја обжалил одлуката на огласот. Договорот на определено време, му завршува на 20. овој месец.

    На одбиениот новинар Јетмир Беља, пак, кој над три години успешно и професионално работи во редакцијата, му нашле маана дека за еден месец не го исполнувал условот. Комисијата го дисквалификувала зашто дипломата не му била „зрела“. Му кажале дека за да биде примен, требало дипломата за високо образование да има 3 години, а имала 2 години и 11 месеци.

    Натаму, од тимот отпаднал и новинар со долгогодишно искуство, кој работел порано и како уредник во таа редакција. Неговиот грев бил што поради подобри услови си заминал од МРТВ и сега кога сака да се врати, тој е дисквалификуван, без образложение.

    „Само барам да се докаже дека тие што ги примија се со работно искуство. Со докази од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, од Фондот за здравство, од Агенцијата за вработување. Денеска секој од нас познава газди на човек-портали и секој може да добие печат дека бил новинар. Но дали е тоа ‘со искуство’ како што се бараше на огласот?“, прашува одбиениот поранешен уредник, кој обвинува дека на неговото место примиле некој од тие анонимни „новинари“.

    Тој меѓутоа отвора и една друга сомнителна околност, на која предупреди и колегата Шпенд Амети.

    „Пликото со документи за аплицирање на огласот замислете требаше да биде затворено. Инаку, не го примаа во архива. Како е можно да не се направи увид и попис на документите што ги поднесуваме? Па не е ни чудо што се жалеле некои од отпаднатите кандидати дека им фалат дипломи за завршено образование и други документи. Како ќе докажеме дека сите документи што се барале, сме ги ставиле во пликот, кога не се направи попис па прием? Кај го има ова со затворени коверти да се аплицира? Или работава била: ти фали диплома во документиве, дисквалификуван си!?“, прашува соговорникот.

    Суат Алиу е млад и вреден новинар во редакцијата на Радио на албански јазик, кој исто така извиси на огласот. На негово место е примено надворешно лице, кое не работело во редакцијата.

    Во врска со обвинувањата за нерегуларностите, непотизмот и партизираноста на огласот, изјава побаравме од генералниот директор на МРТВ Марјан Цветковски, од директорот Захарие Вулгаракис кој бил претседател на Комисијата за рангирање и одлучување, како и од директорката на Македонско радио Ајтен Власаку.

    Цветковски и Вулгаракис се заедно на службен пат во Јапонија, а директорката ни кажа дека по хиерархија одговорот на прашањата треба да ги побараме од нејзините претпоставени.

    Вработена во Турската редакција во МТВ, пак, на Фејсбук напиша дека првпат слуша оти жена со македонско име и презиме на огласот може да биде Турчинка и така да им земе едно од местата на огласот за турската редакција.

    Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека  ги следи негативните реакции во јавноста околу штотуку завршените огласи во јавниот сервис МРТВ. Рече дека антикорупционерите ќе разговараат на колегиум да отворат случај со факти и податоци за понатамошна анализа.

    Во Радиото се разочарани, не само што нив никој не ги прашува кој да биде примен, какви новинари се потребни за редакцијата, кои според искуството се најпрофесионални и докажани, туку и од тоа дека по којзнае кој пат телевизијата им ги зема огласените (над 10) места кои се и тоа како потребни за нивната испразнета редакција поради пензионирање, за да вдоми сомнителни и свои кадри.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира