ОПШТИНА ШТИП ЌЕ ЈА УКИНЕ ГРАДЕЖНАТА ДОЗВОЛА И ЌЕ РАБОТИ НА РАСКИНУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ЗА ГРАДБА ПРЕД ЗГРАДАТА „ПРОМАЈА“ ЧИИ СТАНАРИ ДЕНЕСКА ПРОТЕСТИРАА

    ОПШТИНА ШТИП ЌЕ ЈА УКИНЕ ГРАДЕЖНАТА ДОЗВОЛА И ЌЕ РАБОТИ НА РАСКИНУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ЗА ГРАДБА ПРЕД ЗГРАДАТА „ПРОМАЈА“ ЧИИ СТАНАРИ ДЕНЕСКА ПРОТЕСТИРААСо ископување земја на само 5 метри до најстарата станбена зграда во Штип во опасност се темелите и целата статична стабилност на објектот. (Фото: СДК.МК)

    Станарите од зградата „Промаја“ во Штип денеска протестираа, откако до неа почна да се ископува дупка за нов објект. Тие изготвија петиција со стотина потписи и најавија дека ќе спречуваат какви било градежни активности на просторот пред зградата на само неколку метри до нивните влезови.

    „Наместо да има простор за паркирање на возилата на станарите и детски игралишта пред зградата, принудени сме децата да ги држеме затворени во становите. Наместо да има пристапен пат во случај на интервенција на противпожарно или амбуланско возила на просторот што по гравитација ѝ припаѓа на зградата, пред нивните прозроци ќе никанат десетина гаражи кои нема да го решат проблемот за паркирање, а градежните активности ја доведуваат во опасност стабилноста и целата статика на темелите на зградата“, рекоа станарите кои воопшто не биле информирани дека имало оглас за доделување градежно земјишта за изградба на гаражи.

    На протестот дојде и градоначалникот на Штип Иван Јорданов, кој ги сослуша станарите и им вети дека ќе работи на решавање на нивниот проблем.

    „Општината времено ќе ја стопира изградбата, а во меѓувреме ја разгледуваме можноста за укинување на градежната дозвола и раскинување на договорот што го има со инвеститорот кој не ги почитувал роковите за почетокот на градба и завршување на објектот. Тоа требало да се случи пред четири години за што не биле плаќани пенали, па и тие рокови инвеститорот не ги почитувал. Има правен основ Општината да реагира во корист на станарите“, им рече Јорданов.

    Со ископување земја на само 5 метри до познатата зграда „Промаја“, во опасност се темелите и целата статична стабилност на овој најстар станбен објект во Штип кој се изгради пред точно половина век и е култен станбен објект подигнат во Горно Маало, видлив од сите страни на влезот во градот. Под подвозната основа минува и една од главните сообраќајници во Штип, а позната е по местоположбата каде постојано дува ветер па штипјани популарно ја викаат „Промаја“.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира