ОВА НАВИСТИНА Е НЕДОЗВОЛИВО ДОЛГ ПЕРИОД ЗА ПРАВОСИЛНА ПРЕСУДА ЗА МИЈАЛКОВ, ОДГОВОРИ ТУПАНЧЕСКИ ЗА СПОРЕДБАТА ШТО СУДЕЊЕТО ЗА УБИСТВОТО НА ДЕНИС ТОТ ОДИ МНОГУ БРЗО

    ОВА НАВИСТИНА Е НЕДОЗВОЛИВО ДОЛГ ПЕРИОД ЗА ПРАВОСИЛНА ПРЕСУДА ЗА МИЈАЛКОВ, ОДГОВОРИ ТУПАНЧЕСКИ ЗА СПОРЕДБАТА ШТО СУДЕЊЕТО ЗА УБИСТВОТО НА ДЕНИС ТОТ ОДИ МНОГУ БРЗОЕднаш засекогаш мора да се направи таа филтрација во судството, вели Тупанчевски. - На отворањето на новата затворска судница во Идризово. (Фото:СДК.МК)

    Министерот за правда Никола Тупанчески се согласува дека судењето за „Трезор“ во кое ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков беше првостепено осуден, па од Апелација со месеци чуван и во петокот вратен на повторно судење, е недозволиво долг процес. Тој одговори вака кога му посочивме примери за обични граѓани за кои судењата и во првостепениот суд, и во Апелација, одат многу брзо.

    Прво Тупанчески кажа дека очигледно е направена грешка во постапката кај Основниот кривичен суд Скопје или во Апелациониот суд Скопје, но каква ќе биде конечната одлука сега откако Апелација ја укина пресудата и го врати на повторно судење во Кривичниот суд, треба да почекаме.

    „Уште да чека јавноста? Толку години траеше случајот ‘Трезор’ во Основниот Кривичен суд Скопје, за потоа предметот да заглави со месеци во Апелација со образложение дека судиите биле на стари одмори, на нови одмори, па судијата – известител не го давал на изјаснување…, додека процесот за Денис Тот на пример, почна во септември годинава и заврши денеска со првостепена пресуда“, го допрашавме Тупанчески, кој е професор по кривично право.

    „Најголем проблем и тука е македонскиот синдром – селективноста во решавање на проблемите. Ова навистина е недозволив период за донесување на една правосилна судска пресуда“, кажа министерот.

    На новинарска констатација дека влезот на новата судница фали напис: „Забранет влез за функционери од ДУИ“ и барокна фасада за да биде комплетна сликата за нашето судство, непроменета, ако не и полоша од времето на Груевски и на состојбата дека како новинари, гледаме дека луѓето што крадат милиони, нема да одговараат, или ќе бидат ослободени за разлика од тие што крадат ќебапи, како и на прашањето дали конечно ќе има ветинг, проверка на сите судии и обвинители во Македонија, Тупанчески одговори:

    „Ние обезбедивме оптимални услови за да се случат и такви работи, да влезат во судница и високи функционери, за да нема селективна правда. Ветингот, пак, подолго време се заговара во нашата држава, зрее идејата да се движиме во таа насока како општество. Му треба ресетирање на македонското општество, затоа што еднаш засекогаш мора да се направи таа филтрација во судството. Не сите судии се лоши, не сите се добри. Треба филтрација“.

    Тој денеска отвори капитална инвестиција од 1,5 милиони евра во Идризово, затворска судница по највисоки европски стандарди. Отсега осудените лица кои се во затвор и притворените лица, а кои се обвинети во други предмети, нема да бидат спроведувани со комбиња и со полициска придружба во судовите, туку судиите, обвинителите и адвокатите, како и другите странки во постапката, како и нивните роднини и новинарите, ќе доаѓаат во судницата и таму ќе се одржуваат тие судења.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира