ПРИВАТНИТЕ АВТОБУСИ ГО БЛОКИРАА СКОПЈЕ

    ПРИВАТНИТЕ АВТОБУСИ ГО БЛОКИРАА СКОПЈЕ200 автобуси на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ се паркираа на крстосниците кај Црвен крст, ТЦ „Мавровка“ и на Илинденска кај Владата. (Фото: К. Попов)

    Приватните превозници утрово од 6 часот го блокираа Скопје. 200 автобуси на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ се паркираа на крстосниците кај Црвен крст, ТЦ „Мавровка“ и на Илинденска кај Владата. Поради протестот овие улици се затворени за сообраќај и се создаде метеж низ центарот на градот. Доцнеа и автобусите од јавниот превоз кои и онака ги нема, па по еден час се чека на постојките.

    „Протестите нема да престанат. Напротив, ќе се радикализираат затоа што овие луѓе се оставени без работа и без парче леб. Понудивме на градоначалничката Данела Арсовска компромисно решение, да ни исплати дел од долгот и ние ќе продолжиме да возиме додека не го спроведе новиот оглас кој го најавува. Но одговор нема, ниту желба од нејзина страна да се најде решение“, велат приватните превозници.

    Колапсот на јавниот превоз во Скопје трае две недели, откако и вториот приватен превозник престана да вози поради долг од 1,5 милиони евра кој Град Скопје и ЈСП не сакаат да им го платат.

    Арсовска не само што нема намера да најде решение со приватниците туку не им го исплаќа ниту долгот. Вели да тужат и најави дека оваа недела ќе распише нов оглас за избор на превозници.

    Приватните превозници се дел од јавниот превоз бидејќи ЈСП нема доволно автобуси и возачи и не може да ги одржува сите линии низ градот.

    Арсовска стана градоначалничка на Скопје со ветувањето за брз, ефикасен и бесплатен автобуски превози и набавка на нови 250 електрични автобуси. Една година од мандатот јавниот превоз во главниот град е во колапс, а набавката на новите автобуси не се ни споменува.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира