СТРУШКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ОТВОРИ ПРЕДМЕТ ЗА ДОКТОРОТ ОД ВЕВЧАНИ КОЈ 6 ГОДИНИ РАБОТЕЛ БЕЗ ДИПЛОМА

    СТРУШКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ОТВОРИ ПРЕДМЕТ ЗА ДОКТОРОТ ОД ВЕВЧАНИ КОЈ 6 ГОДИНИ РАБОТЕЛ БЕЗ ДИПЛОМАПредмет е отворен и за директорот на Здравствениот дом Вевчани, за кого има индиции дека имал сознанија дека лицето не поседува лиценца од Лекарската комора. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Струга постапувајќи по поднесена кривична пријава, оформи предмет против докторот од Вевчани кој 6 години работел без диплома.во здравствениот дом во Вевчани. Обвинителството соопшти дека докторот иако знаел оти не поседува документација која е потребна за вработување, изготвил лажни исправи, фалсификат уверение за положени испити на факултет за медицински науки и фалсификат уверение и лиценца од Лекарската комора. Документите ги употребил како вистински и со нив во два наврати се пријавил на оглас за работно место – доктор во ЈЗУ Здравствен дом – Вевчани. Првиот пат на огласот во 2016 не бил избран, но во 2018 бил селектриран и вработен.

    Со употреба на лажните документи пријавениот ги довел во заблуда членовите на Комисијата за селекција при вработувањето дека ги исполнува условите предвидени во Законот за здравствена заштита. По основ на договорот за вработување, во периодот од 26.11.2018 до 19.10.2022 година, а и претходно со склучени договори на дело, пријавениот извршувал работни задачи на работно место – доктор по медицина без соодветна стручна подготовка и се занимавал со лекување и давање медицинска помош. На овој начин тој го довел во ризик здравјето на пациентите, односно постојат сомненија дека сторил кривично дело надрилекарство“, велат од струшкото Обвинителство.

    Дополнително, при целосното испитување на наведениот настан, Основното јавно обвинителство Струга дојде до други сознанија врз основа на кои оформи уште два други предмети.

    Првиот предмет се однесува за директорот на Здравствениот дом Вевчани, за кого има индиции дека од 2019 имал определени сознанија дека лицето кое се претставувало како доктор не поседува лиценца од Лекарската комора. За ова тој бил писмено известен со допис од Лекарската комора. Сепак, и покрај ваквите сознанија, тој на пријавениот му овозможил да продолжи да извршува лекарска дејност во Здравствениот дом во Вевчани до втората половина на 2022. На овој начин, постојат индиции дека директорот на ЈЗУ Здравствен дом Вевчани сторил кривичнo делo – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик.

    Од обезбедената документација, Основното јавно обвинителство Струга дојде до сознанија дека на оглас за вработување во 2019 година во ЈЗУ Здравствен дом – Вевчани се пријавиле две кандидатки кои не поседувале лиценци во тоа време. И покрај тоа, Комисијата за селекција при вработување констатирала дека тие ги исполнуваат законските услови. Со оглед на тоа што без лиценци тие не можеле да бидат вработени како лекари во здравствена установа, со нив бил склучен договор и биле примени како приправници. Откако неколку месеци подоцна ги обезбедиле лиценците, без да биде распишан нов оглас, со двете кандидатки биле склучени договори за вработување.

    Имајќи ги предвид ваквите сознанија, Основното јавно обвинителство Струга испитува наводи за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 и Несовесно работење во службата според член 353-в од Кривичниот законик за директорот на ЈЗУ Здравствен дом – Вевчани, како и за тројца членови на Комисијата за селекција при вработување“, додаваат од Обвинителството.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира