РФМ НАЈАВИ РАКОМЕТЕН СПЕКТАКЛ ВО ЧЕСТ НА ЛАЗАРОВ, МИРКУЛОВСКИ, АЛУШОВСКИ И ДРУШТВОТО

    РФМ НАЈАВИ РАКОМЕТЕН СПЕКТАКЛ ВО ЧЕСТ НА ЛАЗАРОВ, МИРКУЛОВСКИ, АЛУШОВСКИ И ДРУШТВОТОЛегендите и ветераните на македонскиот ракомет ќе играат против актуелната репрезентација (Фото: СДК.МК)

    Најуспешната генерација во историјата на македонскиот ракомет и официјално ќе се прости од публиката на ревијалниот натпревар што ќе се одигра на 3 јануари следната година во арената „Борис Трајковски“.

    Ракометната федерација на Македонија објави дека со овој спортски спектакл ќе им се оддаде почит на сите ракометари и ракометни работници кои оставиле свој придонес во севкупниот учинок на ракометот како најпопуларен спорт во Македонија.

    Ова ќе биде можност повторно заедно да се видат на терен Стевче Алушовски, Петре Ангелов, Бранислав Ангеловски, Горан Ѓоргоноски, Златко Даскаловски, Ванчо Димовски, Александар Јовиќ, Горан Кузманоски, Ацо Јоновски, Кире Лазаров, Филип Лазаров, Гоце Макалоски, Велко Маркоски, Филип Миркуловски, Влатко Митков, Златко Мојсоски, Наумче Мојсоски, Владо Недановски, Борко Ристовски, Митко Стоилов, Стојанче Стоилов и Раде Стојановиќ, кои го потврдија своето учество, додека на клупата ќе бидат Илија Темелковски и Звонко Шундовски.

    Од другата страна на теренот ќе биде актуелниот состав на репрезентацијата, кој ќе биде во текот на подготовките за Светското првенство во Полска и Шведска.

    Забавната програма ќе ја води Сашко Коцев. Билетите во ограничен број ќе бидат во продажба од 19 декември и ќе чинат 250 и 300 денари, а приходите ќе бидат донирани на СОС Детско село во Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира