ЈСП „Скопје“ сепак доби субвенции од Град Скопје, откако на вонредна седница која се одржа доцна синоќа советниците од сите советнички групи гласаа „за“. Со тоа, Скопје од 1 јануари нема да остане без јавен превоз, како што најави градоначалничката Данела Арсовска откако на редовната седница одлуката не беше изгласана.
Советнциите од ВМРО-ДПМНЕ кои се мнозинство во Советот на редовната седница кажаа дека нема да ја гласаат оваа одлука бидејќи станува збор за многу пари, не знаат на што ќе се трошат, а директорот не им дава одговори и образложенија. Побараа да се намали сумата која сега ќе биде префрлена односно да не се даваат одеднаш сите 12 милиони евра, што не беше прифатено од Арсовска. Советниците од СДСМ пак рекоа дека тие се опозиција во Советот и дека како и досега и сега ќе гласаат воздржано, бидејќи цела година ЈСП и градоначалничката не им одговараат на прашањата кои ги поставуваат за да се запознаат со работењето на претпријатието.
Градоначалничката Данела Арсовска од говорницата ги молеше советниците да гласаат „за“ и да ги остават настрана партиските препукувања.
„Ако не се изгласа оваа одлука, од 1 јануари може да немаме трајно јавен превоз. Советници за првпат не даваат поддршка за субвенционирање на ЈСП. Ве молам, треба да размислиме малку подалеку од меѓусебните кавги, политички препукување и тоа што не ви се допаѓа директорот. Да не ги оставиме граѓаните без превоз, ве замолувам да гласате. Понатаму оставам на вашата совест, а граѓаните ќе проценат кој ги оставил без автобуски превоз“, рече Арсовска.
Одлуката не беше изгласана, па откако се разгледуваат и останатите дваесетина точки и седницата заврши, околу 22 часот градоначалничката Арсовска побара да се одржи нова вонредна седница на која како точка беше ставена повторно одлуката за субвенционирање на ЈСП. По консултации и координации меѓу советничките групи, околу полноќ советниците се вратија во салата и со 32 гласа „за“ ја изгласаа одлуката во која стои дека на сметката на ЈСП ќе бидат префлени дел од парите.
По гласањето, координаторката на СДСМ Љубица Јанчева побара да се гласа поединечно, на што координаторката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Андоновска возврати со барање за пауза од еден час. Претседателот на Советот Трајко Славески рече дека ако вака советниците се надмудруваат ќе ја прекине седницата и ќе закаже нова после Божиќ. По ова, советнциите на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија салата, а потоа од СДСМ рекоа дека ако мнозинството не останува на поединечно гласање и тие ќе си одат. Седницата беше прекината.
Утрово, претседателот на Советот Славески за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека точката е усвоена, бидејќи за неа гласале 32 од присутни 39 советници и тој одлуката ја потпишал.
А. АНТЕВСКА