Министерството за надворешни работи (МНР) ќе ја прекине предвидената еднонеделна медиумска кампања за претседавањето со ОБСЕ, откако денеска Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагираше дека со тоа ги корумпира медиумите. ЗНМ кажа дека дека медиумската кампања на МНР е во спротивност на владината одлука од 22 август 2017, со која практично се става мораториум на владините реклами во приватните медиуми. МНР попладнево соопшти дека ќе ја прекине еднонеделната кампања со користење веб-банери и дека „во интерес на транспарентното работење, евентуалните идни активности од комуникациски аспект ќе бидат правени во координација со новинарските здруженија и другите претставници на граѓанскиот сектор“.
МНР со приватна маркетинг агенција склучи договор од 100.000 евра за пиар кампања за претседавањето со ОБСЕ, иако Министерството има своја служба за односи со јавност, а исто така и во Владата се вработени и ангажирани лица за пиар, фотографи и сниматели.
МНР денеска соопшти дека Претседавањето со ОБСЕ претставува најголемиот надворешно-политички проект со кој македонија ќе се претстави во меѓународната јавност, „но и проект кој има значење и влијание и за севкупниот внатрешно-политички развој на земјата“.
„Ангажирање на агенција за време на претседателството со ОБСЕ претставува редовна работа за секој Претседавач со организацијата, и активностите кои се предвидени не се за пи-ар, туку за организиран пристап кон предизвиците за стратешко комуницирање на земјата како земја – претседавач со најголемата регионална безбедносна организација. Покрај стратешкото комуницирање, ангажирањето на агенцијата во најголем дел се однесува за поддршка на Министерскиот совет, комплексен проект кој предвидува организирано присуство и активности на над 70 делегации од целиот свет, кои се очекува да бидат предводени на највисоко дипломатско ниво, на ниво на Министри за надворешни работи. Во рамките на првите денови од преземање на претседателството, беа привремено постави веб банери, кои се од информативно-едукативен карактер и преку истите на ниеден начин не се промовира ниту Министерството ниту неговата работа. Овој потег не е во спротивност на активните законски практики и членот 102 од Законот за АВМУ за пласирање средства кај радиодифузерите. Без разлика на законските можности, по сугестијата која денес дојде од ЗНМ, Министерството за надворешни работи ќе ја прекине предвидената еднонеделна кампања преку користење веб – банери“, соопшти МНР.