Светиниколското 3-Д кино „Киноверзум“ е избрано како киноприкажувач, кое ќе работи со киното во Велес. Изборот е направен по јавен повик кој го распиша Општина Велес за користење на реновираната сала „Бели мугри“ и опремата која е набавена со општински пари.
Претходно, киноприкажувачка дејност во Велес вршеше киното „11 Октомври“ кое работеше до август 2005. И исто толку време градот е без организирана киноприкажувачка дејност. Во втората декада на овој милениум, нови македонски филмови и ревија на филмови од некои европски продукции се прикажуваа во салата на новиот Велешки театар.
„По завршената постапка за избор на киноприкажувач во Велес e избран ‘Киноверзум’. Закупот на техниката и на салата е на три години, а месечната закупнина ќе изнесува 30.707 денари без ДДВ“, соопштија од локалната власт.
Киното се наоѓа во салата „Бели мугри“ која беше обновена и опремена со нова опрема, инвестиција од Општината вредна 76 илјади евра. Таа се отвори со прикажување на само еден филм, македонскиот „Стела“ на 10 октомври 2020. Оттогаш немаше ниту една проекција.
Од „3Д Киноверзuм“ од Свети Николе најавуваат дека наскоро ќе започнат и со емитување на редовна филмска кинопрограма, откако ќе ги завршат правните постапки. За велешани конечно ќе се прикажуваат филмовите од најновата светска филмска продукција.
„Доколку сè оди според плановите, ‘Киноверзум’ во Велес ќе биде отворен до крајот на јануари. Не можеме да потврдиме точен датум во моментов, но секако ќе биде многу бргу по завршување на административните работи за отворање на подружницата. Најновите филмски хитови ќе имаат своја премиера во Велес во истиот ден кога ќе бидат прикажувани во најголемите светски метрополи. Секој четврток ќе носиме нови филмови во ‘Киноверзум’ во Велес“ , ни рекоа од „Киноверзум“.
Од таму велат дека е можно филмот со кој ќе почнат да работат во Велес да биде „Аватар: Патот на водата“ поради спектакуларните визуелни ефекти.
П. ПЕЧКОВ