ГРАД СКОПЈЕ ДЕНЕС ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ „УСЈЕ“ ЗА ЗАГАДУВАЊЕ, ЦЕМЕНТАРНИЦАТА ЌЕ ТУЖИ ЗА ШИРЕЊЕ ЛАГИ

    ГРАД СКОПЈЕ ДЕНЕС ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ „УСЈЕ“ ЗА ЗАГАДУВАЊЕ, ЦЕМЕНТАРНИЦАТА ЌЕ ТУЖИ ЗА ШИРЕЊЕ ЛАГИОд цементарницата „Титан УСЈЕ“ велат дека обвинувањата од Арсовска се невистинити, градоначалничката ја дефокусира јавноста. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Градот Скопје денеска поднесе кривична пријава против цементарницата „Титан УСЈЕ“, соопшти кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска. Како што се вели во соопштението, одговорност освен од правното лице ќе се бара и од одговорното лице Борис Хрисафов, кој е надлежен за спроведување на обврските кои произлегуваат од А-интегрираната дозвола која ја издава Министерството за животна средина.

    Цементарницата Титан УСЈЕ испуштала значително поголема концентрација на ПМ10 честици од котлите за загревање кои работеле на мазут, наместо на природен гас, при мерењата извршени на 3 и 4 јануари. Односно, наместо дозволениот максимум од 50 микрограми/м3, од оџакот се испуштале 121 микрограми/м3 секој час. Исто така, забележано е зголемување на испустот на азотни оксиди за најмалку два пати, односно наместо дозволените 350 мг/м3, се испуштале 711 мг/м3 секој час. Производниот процес на цементарницата ‘Титан УСЈЕ’ е непрекинат и се одвива секој час од секој ден во текот на годината“, велат од Град Скопје.

    Од цементарницата „Титан УСЈЕ“ велат дека обвинувањата од Арсовска се невистинити, градоначалничката ја дефокусира јавноста и најавуваат дека ќе го тужат Градот.

    Производниот процес во Цементарница УСЈЕ се одвива во законски определените рамки и според еколошките стандарди, а производството автоматски запира доколку филтрите не работат. Поради енергетската криза и нарушеното снабдување со природен гас, за загревање на просториите се употребуваше мазут, што е дозволен енергенс согласно А-Интегрираната еколошка дозвола. При оваа вонредна контрола, кај парниот котел, кој не е дел од производниот процес и е исклучиво наменет за загревање на просториите, беше регистрирано отстапување кај еден параметар од мерењата. Оттука, неосновано е врз основа на еден параметар каде што беа утврдени повисоки вредности, да се носи заклучок дека компанијата е виновна за состојбите со загадувањето. Во тек е постапка со надлежната институција, во чии рамки ќе се разгледаат сите релевантни аспекти“, велат од „УСЈЕ“.

    Додаваат дека во меѓувреме компанијата ги имплементираше препораките на Државниот инспекторат за животна средина и направи замена на енергенсот мазутот со природен гас.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира