СДСМ до крајот на денот ќе поднесе четири тужби до Управниот суд што се однесуваат на гласањето во избирачки места во изборната единица 6, соопшти денеска портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
„Управниот суд е должен да ги земе предвид сите основани аргументи во тужбите. ДИК не одговори на сериозната задача за целосна заштита на изборниот процес во делот на одлучувањето по приговорите. Институциите мора да работат во служба на граѓаните“, изјави Шилегов.
ДИК ги отфрли сите преговори на СДСМ, а прифати само еден од осумте приговори на Беса, односно го поништи гласањето на едно избирачко место во Гостивар, каде што друго лице се потпишало на местото на Фатиме Сулејмани, што беше констатирано и од официјален графолог.
Движењето Беса за „Мета“ соопшти дека нема да поднесе тужби до Управниот суд по одлуките на Државната изборната комисија бидејќи сомневаат во неговата независност и однапред ја знаат неговата одлука.
Во меѓувреме, тече 24-часовниот рок за тужби до Управниот суд. По поднесувањето на тужбите, пет судии од Управниот суд, избрани по пат на ждрепка, во рок од 48 часа на јавна седница треба да одлучат како ќе се постапува по тужбите, а одлуките во рок од 24 часа треба да се објават на веб-страницата на судот, како и на веб-страницата на ДИК. Одлуките на Управниот суд треба да го содржат и начинот на гласање на секој судија поединечно.