ВО ШТИПСКИТЕ УЧИЛИШТА ИМА 80 УЧЕНИЦИ ПОМАЛКУ ВО ВТОРОТО ПОЛУГОДИЕ, СЕ ОТПИШАЛЕ ОТИ СО РОДИТЕЛИТЕ ЗАМИНАЛЕ ВО СТРАНСТВО

    ВО ШТИПСКИТЕ УЧИЛИШТА ИМА 80 УЧЕНИЦИ ПОМАЛКУ ВО ВТОРОТО ПОЛУГОДИЕ, СЕ ОТПИШАЛЕ ОТИ СО РОДИТЕЛИТЕ ЗАМИНАЛЕ ВО СТРАНСТВОНајмногу отпишани има во ОУ „Димитар Влахов“, 30 ученици кои заминале во странство. (Фото: СДК.МК)

    Второто полугодие од учебната 2022/2023 година во Штип започна со 80 ученици помалку оти побарале отпишување поради заминување во странство. Ако се земе предвид дека во оваа учебна година беа запишани 200 првачиња помалку од претходната, а отпишувањата во погорните одделенија и класови беа значителни, прозлегува дека бројот на основците и средношколците во штипските училишта за една година е преполовен.

    Најмногу отпишувања има од основните училишта „Димитар Влахов“ и „Ванчо Прќе“ , а од средните најмногу отпишувања има од Средното стручно училиште „Никола Нехтенин“. Одливот на ученици поради заминување во странство го потврдуваат и во Секторот за образование во Општина Штип, што неколку години по ред од училиштата добива информации дека се зголемува бројот на семејствата кои бараат отпишување на учениците.

    „На барање на родителите, отписи се издадени точно за 81 ученик од основните и средните училишта. Поголем е бројот на отпишаните учиници од основните училишта, дури 69 ученици, додека од средното образование се отпишале 12 ученици. Според сознанијата на директорите, имало случаи кога по еден месец некои семејства да се враќаат и учениците повторно се запишуваат според крајниот рок колку што можат да отсуствуваат. Сепак, тој процент на враќање е мал од 20-30 насто“, вели раководителката на Секторот за образование Снежана Санева.

    Трендот на отпишување заради заминување во странство почна да расте од 2018, кога таа учебна година биле запишани 80 ученици помалку. Стагнација била забележана само за време пандемијата со ковид-19, но од оваа учебна година се бележи значителен пораст на отпишувања.

    Слични отпишувања заради заминување во странство бележат и останатите градови во регионот, од кои најдрастичен пример е Кочани чии училишта денеска второто полугодие го започнаа со 60 ученици помалку од запишаните на почетокот на учебната година.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира