Шведските медиуми сугерираат дека Москва стои зад минатонеделниот протест во Стокхолм на кој беше запален Коран, што имало за цел да се саботира членството на Шведска во НАТО.
Шведскиот новинар Чанг Фрик, кој се поврзува со руската телевизија РТ, му платил на данскиот крајнодесничарски активист Расмус Палудан јавно да ја запали книгата пред турската амбасада во Стокхолм. Турција гневно реагираше на протестот во саботата, по кој претседателот Ердоган кажа дека нема да го поддржи приемот на Шведска во НАТО.
Шведските медиуми ја обвинија Русија за палењето на Коранот, за што го искористила Фрик. Инцидентот се случи пред најавената посета на шведскиот министер за одбрана Пал Јонсон на Турција, што потоа беше откажана.
Палудан, кој има и шведско државјанство, допатувал во Стокхолм специјално за протестот, а таксата за дозвола за протестот ја платил Фрик. Палудан потврди дека Фрик му ја предложил идејата да запали Коран.
Фрик е познат по своите проруски ставови, но вели дека од 2014 нема никакви врски со РТ. Тој призна дека ја платил таксата за Палудан, но тврди дека не верувал дека протестот би можел да ги загрози шансите на Шведска за членство во НАТО.
„Го направив тоа зашто ја поддржувам слободата на говорот и свесно беше насочено против Турција“, кажа Фрик.