ДЕКЛАРАЦИЈАТА НА БУГАРСКИОТ ПАРЛАМЕНТ НЕ СООДВЕТСТВУВА СО РЕАЛНОСТА, ВЕЛИ МНР

    ДЕКЛАРАЦИЈАТА НА БУГАРСКИОТ ПАРЛАМЕНТ НЕ СООДВЕТСТВУВА СО РЕАЛНОСТА, ВЕЛИ МНРОд МНР велат дека дкларацијата на бугарскиот парламент може да оди само во прилог на провокаторите. - Министерот Бујар Османи (Фото: СДК.МК)

    Министерството за надворешни работи смета дека денешната декларација на бугарскиот парламент за наводна „ескалација на агресивни анти-бугарски активности во Република Северна Македонија“ може да оди само во прилог на провокаторите чија цел е да предизвикаат политички активности кои негативно влијаат на односите меѓу двете држави, и со тоа ги минираат напорите за враќање на конструктивната патека и нега на партнерските односи.

    „Секој чин на провокација од било која страна, случајно или намерно, во моментов станува дел од сценаријата во прилог на ескалацијата на состојбите и како таков сметаме дека е во спротивност со декларираните заложби за враќање на дипломатската агенда онаму каде што ѝ е местото, во дипломатиите на двете земји“, велат од македонското МНР.

    Во врска со содржината на декларацијата, од МНР велат:

    „Остануваме на ставот дека за случајот со физичкиот напад врз македонскиот државјанин Христијан Пендиков во Охрид, институциите на системот реагираа соодветно, сторителите се приведени, истрагата е во тек, а преку јавни политички активности настанот го осудија највисоките претставници на државата, како што се Претседателот, Премиерот и Министерот за надворешни работи. Притоа Министерот Османи оствари и итна вонредна посета на Софија за да го посети повредениот Пендиков, со што и во политичка смисла ја искажа интенцијата на државата за грижа кон сите нејзини граѓани подеднакво. Оттука бројните изјави за овој случај, сега веќе преточени и во содржината на Декларацијата, ги сметаме за преувеличени и неосновани, кои на ниту еден начин не соодветствуваат на реалноста“.

    По однос на измените на Законот за фондации и здруженија, кои исто така беа осудени во декларацијата, од МНР велат дека не се насочени против здружувањето на ниту една етничка заедница, туку против принципот здруженија на граѓани да носат имиња на контроверзни личности кои претставуваат провокација не само за етничките македонци, туку и за сите граѓани кои живеат во Северна Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира