ОД БУЏЕТОТ СЕ ИЗДВОИЈА 140 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ДА СЕ КУПИ ЛЕКОТ „ТРИКАФТА“ ЗА 8 БОЛНИ ОД ЦИСТИЧНА ФИБРОЗА, НАЈАВИ САЛИ

    ОД БУЏЕТОТ СЕ ИЗДВОИЈА 140 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ДА СЕ КУПИ ЛЕКОТ „ТРИКАФТА“ ЗА 8 БОЛНИ ОД ЦИСТИЧНА ФИБРОЗА, НАЈАВИ САЛИАсоцијацијата за цистична фиброза на 4 февруари протестираше пред Владата, барајќи да се обезбеди лекот „трикафта“. (Фото: К. Попов)

    Обезбедени се 140 милиони денари за лекот „трикафта“ за 8 пациенти со цистична фиброза, објави на Фејсбук министерот за здравство Беким Сали. Станува збор за буџетски средства наменети за Клиниката за детски болести, каде сумата од 563.504.040 денари се зголемува на 703.504.040 денари, односно за дополнителни 140 милиони денари кажа Сали.

    Членовите на Асоцијацијата за цистична фиброза денеска во 14 часот пред Владата со едноминутно молчење, свеќи и цвеќе се збогуваа од Благојче Илијевски од Битола, еден од нивните најактивни членови кој почина вчера чекаќи државата да го набави лекот. Асоцијацијата од 2020 го бара овој лек, а со месеци апелираат и протестираат дека состојбата на пациентите им е итна.

    Денеска попладне на новинарско прашање при посетата на Општата болница во Струга, дали чувствува одговорност за смртта на пациентот, Сали кажа дека изразил сочувство до сите членови на асоцијацијата со кои е во постојана комуникација.

    „Они ја знаат мојата спремност за решавање на тој проблем кој за жал беше наталожен од други фактори, не од Министерството. Имајќи во предвид дека Министерството не ги купува лековите, туку го организира системот и правно ги овозможува сите давања на ингеренции на установи со што може да располагаат и како да се организираат, Министерството за здравство не би било најодговорната институција за тој случај. Навремено пријавивме и побаравме поддршка од Владата и од Министерството за финансии и Фондот да одговориме позитивно на барањата. Со денешна реорганизација, т. е. одлука на Фондот за здравствено осигурување на седница на Управниот одбор, треба да се одлучи за дополнителен буџет кој ќе се додели на Педијатрија за да може да обезбеди лекови за пациентите кои се наоѓаат во критична состојба“, рече министерот Сали неколку часа пред објавата на Фејсбук за обезбедените пари.

    Во соопштение попладнево, министерот Беким Сали повика да не се прави „евтин обид за политички поени врз грбот на една ваква трагедија“.

    „Затоа, еве ги фактите. (1) Факт е дека Министерството за здравство уште на 27.01 од Владата побара да се обезбедат средства за нова набавка на терапија за пациентите со цистична фиброза. (2) Факт е дека и покрај барањето на МЗ, ниту Владата на РСМ, ниту премиерот Ковачевски лично, до вчера, не одлучија да се обезбедат тие средства. (3) Факт е дека лек во доволни количини нема заради недонесувањето на таа одлука, а не заради МЗ. Оттаму, не ми е јасен обидот за префрлање на вината кон МЗ, кога ниту обезбедувањето средства, ниту набавката на лекот не се во наша надлежност. Средствата се обезбедуваат од Фондот за здравствено осигурување, а набавката ја спроведува соодветната клиника. Но, дури ни тие не можат да постапат без одлука на Владата или без налог на премиерот“, соопшти Сали изразувајќи сочувство до семејството на Илијевски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира