Директор на балетската трупа на покраинскиот театар во Хановер е суспендиран откако измачкал новинарка балетска критичарка со измет од куче на премиерата на балетот „Вера-Надеж-Љубов“ во саботата вечер. Инцидентот со кучешкиот измет засега нема да има последици за 50-годишниот Марко Геке, кој е и балетски уметник во Штутгартскиот балет.
Критичарката е Вибке Хистер од весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Таа изјави дека поднела жалба против Геке. Портпаролот на полицијата во Хановер вели дека е започната истрага за можен напад и навреда. Хистер изјави за агенцијата ДПА дека првично реагирала многу смирено кога Геке ја обвинил дека пишува негативни критики поради што се откажувале претплати за претставите. Но одеднаш, вели таа, тој извадил пластична кеса со кучешки измет од неговиот џеб и почнал да ја мачка по лицето.
„Кога почувствував што прави, врескав“, вели Хистер, додавајќи дека била шокирана и почнала да плаче. Вработен во театарот ѝ помогнал да се измие.
Претставници на театарот во Хановер велат дека постапките на Геке предизвикале голема штета за државната опера, балетот и театарот. Суспензијата, вклучително и забрана за влез во театарот се „со цел да се заштитат балетот и Покраинскиот театар од натамошна штета“. Од Геке е побарано целосно да се извини и да му испрати објаснување на театарскиот менаџмент во следните денови, по што театарот ќе го информира за следните чекори. Настанот предизвика осуда од уметници во Хановер, а неколку политичари побараа оставка од Геке.
„Таквото однесување е целосно неприфатливо и нападот е одвратен. Ќе разговараме за натамошни казни со покраинскиот театар“, изјави министерот за култура на покраината Долна Саксонија, Фалко Морс. Геке, кој ужива висока меѓународна репутација и е наградуван за своите претстави, досега не го коментираше инцидентот.