Градоначалничката Данела Арсовска ниту на денешната седница на Советот на Град Скопје за советнички прашање не одговараше на прашањата на советниците. Таа, како и цела измената година, на говорницата излегуваше само да се кара со советниците од ВМРО-ДПМНЕ, но не одговараше на прашањата за проектите на Градот и проблемите кои ги засегаат скопјани.
Советникот Никола Пановски од ЛДП ја праша Арсовска што се случува со проектот за Бас рапид транзит (БРТ) и пречистителната станица, проекти за кои се добиени европски пари.
„Од оваа говорница велевте дека сте фатиле рачиња во мед, сте фатиле одредени лица со спуштени панталони, но еве пола година потоа ништо не видовме дека се открило, ниту дека е поднесена некаква кривична пријава. Не знаеме до каде е проектот за пречистителна станица ниту дали ќе се реализира БРТ. Знаеме само дека плаќаме пенали дека не ги користиме тие европски пари“, рече Пановски.
Советникот од СДСМ Горјан Шутаров ја праша Арсовска за проблемот со јавниот превоз и приватните превозници, советникот Страшно Ангеловски кој е дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ побара одговор од градоначалничката за што се потрошени 800.000 денари за прославата на 13 Ноември и кој ја организираше новогодишната прослава на Плоштадот Македонија. Советничката од ВМРО-ДПМНЕ Марија Андоновска ја праша Арсовска зошто ги избркала спортските клубови од салата во Општина Ѓорче Петров и рече дека цела година не добила одговор на ниту едно советничко прашање.
„Немате одговор на ниту едно прашање, а тоа се прашања од граѓаните. Тоа значи дека немате што да кажете, се криете. Ние тука прашуваме во ветер. Цела година немам добиено одговор ниту писмено“, рече Андоновска.
Арсовска на сите прашање велеше дека ќе се одговори писмено, а на говорницата излегуваше само да им реплицира односно да се кара со советниците, велејќи им дека лажат и се некултурни бидејќи додека говорела од говорницата ѝ упаѓале во збор.
По ова, претседателот на Советот Трајко Славевски ѝ рече дека треба да излегува на говорницата за да одговара на прашања, а не само за реплики.
Потоа, за останатите советнички прашања на говорницата излегуваше секретарот на Градот Зоран Глигоров, кој велеше дека ќе бидат одговорени писмено.
А. АНТЕВСКА