МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА РЕАГИРА ДЕКА „МАЛ БИТОЛСКИ МОНМАРТР“ ГОДИНАВА ДОБИЛ НАЈМНОГУ ПАРИ, А ОД СТУДИОТО ВЕЛАТ ДЕКА СРЕДСТВАТА СЕ МИЗЕРНИ

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА РЕАГИРА ДЕКА „МАЛ БИТОЛСКИ МОНМАРТР“ ГОДИНАВА ДОБИЛ НАЈМНОГУ ПАРИ, А ОД СТУДИОТО ВЕЛАТ ДЕКА СРЕДСТВАТА СЕ МИЗЕРНИВо годината кога студиото треба да одбележи 55 години од постоењето, најавија можност за првпат во 42 години да не се одржи „Малиот битолски Монмартр“. (Фото: СДК.МК)

    Не е вистина дека „Мал битолски Монмартр“ не е поддржан, напротив годинава им е доделена највисока сума од 240 илјади денари, пишува во демантот на Министерството за куклтура по изјавите на член на Управниот одбор на Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ од Битола во однос на финансиите што ги добиле од Годишниот конкурс за проекти од национален интерес.

    Министерството ги демантира изјавите дека оваа интернационална ликовна колонија годинава не е поддржана во рамките на Годишната програма на Министерството за култура. Сепак, организаторите на „Монмартр“ вчера не реагираа дека не се воопшто поддржани, туку дека „ несериозно е да говориме за реализација на огромни манифестации од интернационален квалитет на кои им се доделени мизерни средства“. Па, оттука во годината кога студиото треба да одбележи 55 години од постоењето, најавија можност за првпат во 42 години да не се одржи „Малиот битолски Монмартр“. Критиката дека не им се доделени средства се однесуваше на проектот за УНЕСКО, а не за сите манифестации.

    „Ако за проектот минатата година имавме 94 поени од 100 како е можно за истиот за 2023 година надограден со огромни награди да имаме нула денари? За активности на проектот Светска детска изложба и конкурс ‘Битола’ кој трае од 20 септември до 25 мај или 9 месеци и подготовките за Светската детска ликовна колонија ‘Мал битолски Монмартр’ која се подготвува од март и реализира до крај на мај, во основа дадените цифри се граничат со здравиот разум“, пишуваше во соопштението.

    Од Министерството за култура соопштија дека редовно, во континуитет, секоја година ги поддржува проектите на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола, и тоа: Светскиот ликовен конкурс и Меѓународниот фестивал „Мал битолски Монмартр“. „За оваа година, проектите на „Мал битолски Монмартр“ добиваат највисока сума за поддршка досега во износ од 240 илјади денари: за Фестивалот – 151.800, а за Конкурсот – 87.300 денари“, соопштија од Министерството.

    Во изминативе години поддршката била помала. Во 2020 година било аплицирано само за Конкурсот и биле доделени 150 илјади денари, во 2021 Фестивалот бил поддржан со 97.600 денари, а Светскиот ликовен конкурс со 94.400 денари или вкупно 192 илјади денари. Во 2022 биле доделени вкупно 219 илјади денари, од кои за конкурсот – 104.000, а за фестивалот – 115.200 денари.

    „Сметаме дека со ваквите изјави се шират невистини и самите го намалуваат реномето на светски признатите манифестации кои се одвиваат со децении под брендот ‘Мал битолски Монмартр’. Комисиите при Министерството работат во согласност со приоритетите, мерилата и критериумите на конкурсот и според наведената поддршка со години наназад, „Мал битолски Монмартр“ секогаш бил субвенциониран со доволна финансиска поддршка со која овие манифестации постигнуваат светски успех. Не гледаме причина зошто да не биде така и оваа година“, велат од Министерството за култура.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира