ПО 42 ГОДИНИ, МОЖНО Е ДА НЕ СЕ ОДРЖИ „МАЛИОТ БИТОЛСКИ МОНМАРТР“ ПОРАДИ СКРАТЕНИТЕ ПАРИ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА

    ПО 42 ГОДИНИ, МОЖНО Е ДА НЕ СЕ ОДРЖИ „МАЛИОТ БИТОЛСКИ МОНМАРТР“ ПОРАДИ СКРАТЕНИТЕ ПАРИ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА„Мал битолски Монмартр“ доби 4.700 евра за 3 проекти. (Архивска фотографија)

    Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј”од Битола во 2023 требаше да одбележи 55 години од постоењето, но се отвора можноста за првпат во 42 години „Мал битолски Монмартр“ да не се реализира и да се откаже, соопштија организаторите.

    Во соопштението велат дека дека ваквата можност се отворила откако ги прегледале резултатите и финансиите од Годишната програма на Министерството за култура.

    „Несериозно е да говориме за реализација на овие огромни манифестации од интернационален квалитет на кои им се доделени мизерни средства“, велат од студиото.

    Велат и дека по прекинот на 30-годишната поддршка од Министерството за образование, оваа година Министерството за култура им додели нула денари за проект за УНЕСКО за кој лани добиле високи награди.

    „Ако за проектот минатата година имавме 94 поени од 100 како е можно за истиот за 2023 година надограден со огромни награди да имаме нула денари? Со оглед на финансиската состојба и над 150 ученици кои бесплатно се едуцираат при Детско ликовно студио, и очекуваните над 600 пратки од исто толку приватни и државни школи од 60 земји од цел свет кои ќе генерираат фонд од над 40.000 детски ликовни цртежи, Управниот одбор е пред тешка одлука“, соопштија организаторите.

    Студиото е без поддршка веќе девет месеци. На 10 март закажан е состанок со сите 15 членови на Меѓународниот управен одбор за 42. „Мал Битолски Монмартр” на кој, со оглед на навредливите финансиски средства, се отвора можноста колонијата оваа година да се откаже за првпат од своето постоење.

    Според објавената програма за финансирање проекти од национален интерес на Министерството за култура, „Малиот битолски Монмартр“ добива вкупно 289.100 денари или нешто повеќе од 4.700 евра. Парите ги добива за три проекти: 41.Светска детска ликовна изложба „Битола 2023“ доби 87.300 денари, за 42.Светска ликовна колонија доби 151.800 денари, а за изложбата „Бисерите на Малиот битолски Монмартр“ 50.000 денари.

    „За активности на проектот Светска детска изложба и конкурс ‘Битола’ кој трае од 20 септември до 25 мај или 9 месеци и подготовките за Светската детска ликовна колонија ‘Мал битолски Монмартр’ која се подготвува од март и реализира до крај на мај, во основа ова се цифри кои се граничат со здравиот разум“, соопшти Детското ликовно студио.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира