ОПШТИНА ЦЕНТАР ФОРМИРАШЕ ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА СТРУЈА

    ОПШТИНА ЦЕНТАР ФОРМИРАШЕ ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА СТРУЈАПрвичната цел е да се изградат фотоволтаични централи на сите поволни локации со кои стопанисува Општината, како што се кровови на школи, градинки, на ЈП „Паркинзи Општина Центар“.(Фото: Општина Центар)

    Општина Центар формираше јавно претпријатие за производство на струја „Енергија Центар“. Одлуката беше изгласана на денешната седница на Советот на Општина Центар и како што рече пред советниците градоначалникот Горан Герасимовски, Општината ќе биде електроенергетски независна и самоодржлива.

    „Како резултат на енергетската криза со која се соочуваме и недостигот на средства и соодветни регулативи за имплементација на нови решенија, се појави потреба за вложување и реализација на капацитети за обновливи извори на енергија. По спроведените анализи, од сите обновливи извори на енергија, сонцето претставува огромен потенцијал за енергетскиот сектор, особено имајќи го предвид фактот дека во нашата земја има 280 сончеви денови годишно, односно 1500 сончеви часови на годишно ниво. Благодарение на стручната анализа за економската оправданост за формирање на ова претпријатие, која ја изработи Фондацијата „Фридрих Еберт“, ќе успееме да ги неутрализираме ценовните шокови. Навистина сум горд што Општина Центар го носи духот на иновациите и примената на најефикасните технологии“, кажа Герасимовски.

    Првичната цел е да се изградат фотоволтаични централи на сите поволни локации со кои стопанисува Општината, како што се кровови на школи, градинки, на ЈП „Паркинзи Општина Центар“. Во втората фаза, како што велат од Општината, ќе се инвестира во производствени капацитети надвор од границите на општината и ќе се закупуваат кровови на станбени згради.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира