СОВЕТНИЦИТЕ Ѝ ЈА ОДЗЕМАА НАДЛЕЖНОСТА НА АРСОВСКА ДА ГИ ИЗДАВА САЛИТЕ И ДВОРОВИТЕ НА УЧИЛИШТАТА, ТАА ВЕЛИ НЕМА ДА ЈА СПРОВЕДЕ ОДЛУКАТА

    СОВЕТНИЦИТЕ Ѝ ЈА ОДЗЕМАА НАДЛЕЖНОСТА НА АРСОВСКА ДА ГИ ИЗДАВА САЛИТЕ И ДВОРОВИТЕ НА УЧИЛИШТАТА, ТАА ВЕЛИ НЕМА ДА ЈА СПРОВЕДЕ ОДЛУКАТАСоветниците рекоа дека Арсовеска не ја спроведува одлуката односно не ги издава салите, па спортските клубови се оставени на улица и немаат каде да тренираат. (Фото: К.Попов)

    Градоначалничката Данела Арсовска нема да ги издава спортските сали и другиот имот на средните улилишта под кирија туку директорите на школите. Советот на Град Скопје донесе нова одлука за издавање под закуп на имотот на Град Скопје и средните училишта која е спротивна на онаа која по предлог на Арсовска беше донесена пред 10 месеци, со која Градот ја презема надлежноста од директорите.

    Лани Арсовска предложи нов правилник за издавање под закуп на имотот на Град Скопје со кој повеќе директорите немаа право да ги издаваат спортските сали или дворовите на училиштата туку, како што беше кажано тоа ќе го прави Градот. Беше скратен и рокот за давање под закуп на една година.

    На вчерашната седница советниците од ВМРО-ДПМНЕ доставија иницијатива за донесување нова одлука за начините и условите за закуп на имотот на училиштата со која надлежноста ѝ се одзема на Арсовска и се враќа на директорите. Како што кажа советникот Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ овој предлог го доставуваат бидејќи Арсовеска не ја спроведува одлуката, односно не ги издава салите, па спортските клубови се оставени на улица. Немаат каде да тренираат оти договорот за закуп им истекол, а Градот не спроведува постапка за потпишување нови договори.

    Градоначалничката Данела Арсовска му рече на Андоновски дека оваа одлука која ја подготвиле не е законска и поради тоа таа како градоначалничка нема да ја спроведува.

    „Вие како советничка група пред помалку од една година гласавте за одлуката за да се исправи нешто што не требало да биде. Одлуката која ја предложивте сега е незаконска, ваша е одлуката дали ќе гласате за неа, а наша обврска е нешто што е спротивно на законот да не го спроведеме. Досега се случувало за ич пари да се издаваат имоти во центарот на градот, е сега веќе нема тоа да се случува. На школите иницијалната обврска им е образовниот процес, а не да рентаат дворови на приватни фирми. Тоа што не функционирало 30 години, не може да се исправи за еден ден или еден месец. Ова е сериозна работа, службите сериозно пристапија и работеа на неа, повикот е подготвен и е пред објавување“, рече Арсовска.

    Андоновски ѝ реплицираше на Арсовска дека додека таа, како што вели, спроведува системски решенија, Скопје не функционира.

    „Не може Градот да запре со живеење. Носите системско решение за превозот, граѓаните уште се оставени без јавен превоз, носите системско решение за имотот на градот, спортските клубови се оставени без простории за тренирање. Ако имало неправилности санкционирајте ги, но не можеме да дозволиме децата да нема каде да тренираат“, рече Андоновски.

    Советничката од СДСМ Љубица Јанчева кажа дека пред 10 месеци тие не ја поддржале одлуката со која Арсовска ја презема надлежноста да одлучува за имотот на училиштата бидејќи тие се залагаат за децентрализација, а не централизација.

    „Законот нуди можност тој што ќе злоупотреби да биде санкциониран. Ние во изминатата година се наслушавме од градоначалничката квалификации за криминали, а развршница за некаков криминал не видовме“, рече Јанчева и побара од советниците на ВМРО-ДПМНЕ да им се извинат на граѓаните затоа што и тие како и градоначалничката се виновни што сега деца тренираат надвор бидејќи лани гласале за неа.

    Одлуката беше изгласана со 23 гласа „за“, а 6 советници беа против.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира