Премиерот Димитар Ковачевски денеска најави дека ќе се замрзнат цените и други основни производи. Во моментов, во Министерството за економија се прават калкулации по што, како што кажа Ковачевски, ќе се соопштат одлуките.
Во вторникот Владата ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, но оттогаш производителите на леб не испорачуваат ваков тип леб во маркетите и продавниците.
Ковачевски рече дека е разочаран од ваквото однесување на дел од производитлеите на леб и дека затоа денеска била донесена одлука дека тие мора да обезбедат 80 проценти од производството на овој леб во месец декември 2022 година.
„Јас морам да искажам разочарување од дел од производителите. Беа објавувани сметки дека некои производители таков тип леб во доцните ноќни часови го продаваа и по 50 денари. Нема да дозволам некој да прави екстра профит на грбот на граѓаните. Не држи објаснувањето дека мала пекараница може да произведе поевтин леб од голема пекарница. Компаниите кои во моментов не сакаат да произведуваат ваков тип леб се тие што го добија најголемиот дел од субвенциите за електрична енергија, што никаде не можете да најдете на пазарот во време на криза. Тие треба да покажат одговорност, да го испорачаат она за што исто така за оваа цена имаат маржа, зашто калкулацијата беше правена од пекарската индустрија. Да се заработува на грбот на граѓаните во вакво време кога сите треба да покажеме солидарност, тоа по мене е нешто најлошо што може да го направи која било компанија“, рече премиерот Ковачевски, кој денеска беше на увид на градежните работи во градинката „Пролет“ во Општина Центар.
Прашан какви и колкави ќе бидат казните за компаниите кои и во наредните денови нема да произведуваат бел и полубел леб, Ковачевски не одговори прецизно. Рече дека казните се согласно Законот за трговија, но компаниите многу добро знаеле кои се казните.
А. АНТЕВСКА