Во Клиничката болница во Битола денес започна вонредниот инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, за да се утврдат реалните факти како биле лекувано петгодишното девојче Јана Христовска која завчера почина во болницата откако претходно примила инфузија.
„Веќе е отпочната постапка, односно отпочнат е вонреден надзор за тоа што се има случено во Битола. Директорот на битолската болница веќе е на пат за Скопје каде ќе има состанок со министерот и заменикот за здравство, а информирано е и Јавното обвинителство. Сите детали откако ќе ги имаат институциите ќе бидат споделени со јавноста. Врз основа на факти да се утврди објективната состојба што се случи и врз основа на тие факти да се направат соодветни санкции каде што е потребно“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Министерот за здравство Фатмир Меџети рече дека и тие го чекаат исходот од вонредниот инспекциски надзор, ќе контактираат и со семејството на починатото девојче по што ќе излезат уште во текот на денешниот ден со информации во јавноста. Основното јавно обвинителство од Битола издаде наредби и насоки за да се извршат сите неопходни проверки за случајот. Од таму соопштија дека причината за смрт на девојчето сè уште не е утврдена.
Јана Христовска од битолското село Кравари која почина во средата, денес ќе биде погребана. Веста за нејзината смрт ја потресе јавноста. Нејзиниот татко Стојче Христовски изјави дека на девојчето ѝ била дадена инфузија по што шеќерот кој бил девет се покачил на 19 и состојбата и се искомплицирала.
Јана беше однесена завчера в болница во Битола, а според родителите била малаксана, со болки во мускулите на нозете и со потечени очни капаци. Претходно не боледувала од ништо освен од настинки. Таа беше примена во 10 часот а почина околу 15 часот.
Болницата побара обдукција за утврдување на причините за смртта.
Во 2013, 70-годишниот битолчанец Јорго Ангелевски почина откако вработен во болницата наместо физиолошки раствор во инфузијата му дал дезинфекциско средство. Против 48-годишниот вработен беше поднесена кривична пријава за убиство од небрежност. На Одделението за ургентна медицина вработениот, кој не бил медицинско лице, од невнимание му дал дезинфекциско средство.
Ж. ЗДРАВКОВСКА