ТАЧИ, КРАСНИЌИ И УШТЕ ДВАЈЦА ВОДАЧИ НА ОВК КИДНАПИРАЛЕ, МАЧЕЛЕ И УБИВАЛЕ ЦИВИЛИ НА КОСОВО, СПОРЕД ХАШКИТЕ ОБВИНИТЕЛИ КОИ ПРИКАЖАА ЗАТВОРИ И СПИСОЦИ НА ЛУЃЕ НА КОИ ИМ СУДЕЛА ОВК

    ТАЧИ, КРАСНИЌИ И УШТЕ ДВАЈЦА ВОДАЧИ НА ОВК КИДНАПИРАЛЕ, МАЧЕЛЕ И УБИВАЛЕ ЦИВИЛИ НА КОСОВО, СПОРЕД ХАШКИТЕ ОБВИНИТЕЛИ КОИ ПРИКАЖАА ЗАТВОРИ И СПИСОЦИ НА ЛУЃЕ НА КОИ ИМ СУДЕЛА ОВКПред паузата за ручек, на слајд беа прикажани уште неколку морбидни фотографии од затворите во Лапушник, Злаш и во Клечка. Обвинението се однесува за 440 уапсени и киднапирани цивили во Косово, од кои најмалку 102 не го издржале тепањето и измачувањето, или по днк биле најдени застрелани (Фото: Хашки трибунал)

    Четворица обвинители на Специјалниот суд во Хаг денеска во воведниот збор во големиот судски процес за злосторства против цивили, даваат воведни зборови против обвинетите поранешни водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК): Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадрије Весели и Реџеп Селими.

    Со фотографии од повеќе затвори (штали и куќи) на територијата на Косово, обвинителите со списоци на уапсени, измачувани и убиени цивили и политички противници на ОВК, со клучни сведоци, рекоа дека ќе го го докажат обвинението за злосторства кон цивили, извршени по наредба и со знаење на четворицата водачи на поранешната ОВК.

    Хашкото обвинителство вели дека се работи за 440 уапсени цивили (Срби, Роми, но и бројни косовски Албанци), под сомневање дека биле колаборационисти (соработници) со „српската окупаторска власт“, како и за специјална војна против ОВК и против националните интереси на Косово, од кои најмалку 102 се убиени.

    Тачи, Красниќи, Вејсели и Селими се обвинети за противзаконско лишување од слобода, мачење и убивање на луѓе, а за овие злосторства им се заканува доживотен затвор.

    Откако четворицата се огласија за невини по точките во обвинението, обвинителите во воведен збор пред Судот почнаа да ги вадат доказите и фотографиите од куќите и шталите кои на раководството на ОВК му служеле за заточеништво, измачување, психичко малтретирање и убивање на цивили. Барем до паузата за ручек околу 13.30 часот, четворицата обвинители зборуваа за списоци на апсени и убивање на цивили, Албанци главно од Косово, осомничени и осудени од ОВК за колаборационизам и за предавство. Срби и Роми меѓу уапсените, се спомнуваа само попатно.

    Во обвинението се наведува дека делата за кои се товарат се извршени во периодот од март 1998 до најдоцна септември 1999 година, на повеќе места во Косово, како и во Кукс и Чахан, во северна Албанија.

    Главните докази: документи, соопштенија, подоцна и коминикеа за периодот 1997-1999 година за кој се однесува обвинителниот акт, Хашкото обвинителство ги нашло во куќата на обвинетиот Красниќи. Сите докази во воведниот збор (што уште не е доказна постапка), обвинителите ги презентираат како сладови на видеобим. Меѓу нив има и „забранети за јавноста“, што не се презентираа.

    Мапа на обвинителството со локации на затворите на ОВК во Косово и Албанија. (Фото: Хашки трибунал)

    Првиот обвинител кажа дека се тоа докази за „застрашувани, апсени цивили и за тоа како врз нив се вршело насилство и злоставување“. Тоа биле цивили за кои штабот на ОВК сметал дека се лица кои биле поврзани со Србија (Срби и Роми), но и Албаници – неистомисленици на ОВК.

    Првин одеше поврзување со докази, дека четворицата, олицетворени во Штаб на ОВК, ги координирале сите активности на апсењата и на злосторствата.

    „Во целиот период, не само за војната, туку и во демилитаризацијата летото 1999 година, четворицата обвинети се групирале во штабот и преку пониски команданти ги вршеле злосторствата. Сите четворица, на клучни позиции, зацртале цел за апсење и насилство врз цивили. Во соопштение сами кажале за нападите врз наводни колаборационисти и предавници, и за нивното погубување. (Се презентираат соопштенија како докази, на слајдови). Во нив пишуваше дека предавниците и соработниците на окупаторот, остануваат понатамошна цел“, читаше и вадеше цитати првиот обвинител.

    Потоа, во ново соопштение-слајд, тој кажа дека се погубени противници, но и албански соработници, предавници. Беа прикажани и наредби за апсење и затворање. Во соопштенијата земени од куќата на Красниќи во еден слајд беше наведено: „Соработниците се ликвидирани“.

    Летото 1998 година, рече обвинителот, има промена на директниот тон во соопштенијата на штабот на ОВК, па малку завиената форма гласела: „Преземени се мерки против жигосаните колаборационисти, кои продолжија да работат против националните интереси“….„Превентивни и казниви мерки се преземени против некои од колаборационистичките елементи, кои продолжуваат да работат со окупаторот“, итн.

    „А што правеле тие? Издавале информации на Србите? Не. Само ако се спротивставиш, ќе се најдеш на мета и ќе добиеш смрт“, продолжи вториот обвинител.

    „Тоа се Албанци, политички фактори, кои ја критикувале тактиката на ОВК и нејзините цели“.

    Во јануари 1997 година, во соопштение се најавени погубувања на ректорот на Универзитетот во Приштина. Во Мај 1998 година за наводна соработка со Србите, односно со ЈНА и за активности против националните интереси, спред ОВК, убиени главно со стрелање, се многу цивили кои се залагале за политички пристап, а не за војна“, рече обвинителот. Тоа го поткрепи со т.н. коминикеа на штабот на ОВК предводен од Тачи, Красниќи, Вејсели и Селими, најдени во куќата на обвинетиот Јакуп Красниќи.

    Третиот обвинител во воведниот збор го опфати Реџеп Селими, за кој рече дека во 2007 година кажал оти се ликвидирани соработници со српскиот окупатор кои зборувале албански.

    Едниот од обвинетите, Јакуп Красниќи, со соборци од ОВК. (Фото: Хашки трибунал)

    Потоа, почна да ги реди на слајд локациите на Косово, каде биле затворани и мачени цивилите.

    „Белешкава-слајд кажува дека во Дреновац биле затворени најмалку 38 такви цивили. Има доказ-список. 25 биле злоставувани, измачувани, по насоки на главниот штаб. Има белешки и за ‘сомнителна’ жена која имала дете со српски сообраќаен полицаец, натаму за луѓе ‘блиски со сомнителни соработници на сомнителните’…“, редеше досега нечуени факти еден од четворицата обвинители во воведниот збор за обвинението.

    Понатаму, беше споменат новинарски напис, со прашање на авторот кон Хашим Тачи: „Зошто страдаат цивили?“.

    „Тачи тука јасно кажува: ‘Колаборационистите добија предупредување ако продолжат да соработуваат со окупаторот! Тие што ги има на списокот се соработници. Ние не се однесуваме простачки како Србите, воените соработници ги испраќаме. Ова се соработници’“, потсети хашкиот обвинител на тогашната изјава на Тачи за печатот.

    Потоа обвинителот продолжи.

    „Во куќата на Јакуп Красниќи има и документи за воената полиција на ОВК, каде стои дека таа треба да биде немилосрдна кон тие кои се противат на ослободителната војна. Серија прописи за воената полиција се исто така откриени во куќата на овинетиот Јакуп Краниќи, но и задачи: ‘Воената полиција да пресема мерки против сите лица кои се против ослободителната војна на ОВК!’ “.

    „Обвинетиот Селими е на чело на разузнавачката служба. Презема акции на киднапирања и ликвидација на луѓе за кои тие сметале дека се соработници на српските сили“, рече обвинителот и најави дека сето ова досега кажано, со колегите ќе го докаже пред Хашкиот уд за воени злосторства против цивили.

    Во продолжение, обвинител кажа како тогашниот американски амбасадор во Македонија Кристофер Хил, сега амбасадор во Србија, се ангажирал за двајца грабнати и осомничени од ОВК, а биле од раководството на косовската партија ЛДК.

    „ЛДК е жигосана од штабот на ОВК дека води специјална војна против неа, за решение без војна, но Косово да останело во рамки на СРЈ со авономија. Тринаесет синдикалци од село Чирез се грабнати и затворени, поради ширење на идеја за мирољубиво предавање на оружјето и за ‘решавање на косовското прашање во рамки на автономија со Србија’ “, кажа обвинителот во рамки на долгиот воведен збор.

    Тоа обвинетиот Тачи го поткрепил во ТВ настап, каде кажува дека „оние кои не ја поддржуваат ОВК, се против интересите на косовскиот народ“. Така, во име на тој „суд“ на ОВК, уапсени биле двајца претставници од ЛДК, дека ширеле пропаганда за предавање на оружјето, заедно со двајца цивили на чии тела по стрелањето подоцна, имало белешки дека работеле против интересите на косовскиот народ. Едниот од нив бил стрелан во главата.

    „Двајцата уапсени од партијата ЛДК се обвинети од штабот на ОВК дека се шпиуни на српскиот окупатор. Во куќата на Красниќи е најден еден нацрт со заробеништвото на двајцата припадници на партијата ЛДК од Косово, обвинети за дефетизам, за спречување на ОВК. Господинот Кристофер Хил од Македонија го покренал тоа прашање, Красниќи му кажал дека ќе бидат ослободени“, докажуваше обвинителот колку Тачи ги координирал сите ие грабнувања и убиства на косовски неистомисленици со ОВК.

    Во продолжение се прикажуваа долги списоци на воената полиција на ОВК на наводни соработници со окупаторот и луѓе кои биле против мислата и идеите на ОВК, а кои биле според обвинителството, на нејзина мета.

    „И по Рамбује и по Кумановскиот договор, продолжило затворањето на наводните соработници. Директно го конфронтираат господинот Тачи. ОВК цело време го известува за кршење на мировните договори“, беше кажано во продолжение на воведниот збор.

    Четвртиот обвинител меѓу другото цитираше и наредна изјава на Хашим Тачи за косовски медиум во 1998 година (Слајд од изјава на Красниќи): „Овие луѓе соработници, се слабо казнети за тоа што го направиле!“.

    Фармата Лапушник која што служела како затвор. (Фото: Хашки трибунал)

    Тој тука покрај косовските Албанци, ги спомна дека биле затворани и убивани од ОВК и Срби, Роми и Бошњаци, обвинети за соработка.

    „Тоа се Албанци, Срби, Роми и Бошњаци, над 440 луѓе, обвинети за соработка. Тие се сослушувани, претепувани, физички и ментално малтретирани. Најмалку 102 жртви не го преживеале измачувањето. Тоа не биле изолирани инциденти. Злосторствата се вршеле систематски, на повеќе локации. (Слајдови со некполку затвори низ Косово) Обвинетите раководеле и со префрлувањето на затворениците“, кажа четвртиот обвинител на Хашкиот трибунал.

    Обвинителот прикажа фотографија од затвор во Јабланица, каде како што кажа, обвинетите имале пристап.

    „Обвинетите го посетиле овој затвор во јули 1998 година. Тука Кадри Вејсели го добил прекарот ‘Лули’. Заточениците биле обвинети за шпијунажа. Од тепање и отоци, не можеле да одат, ни да мократ. Двајца од нив се обиделе да бегаат, лазејќи. Ги фатиле, ги дотепале. Починале во затворот“, кажа обвинителот.

    Пред паузата за ручек, на слајд беа прикажани уште неколку морбидни фотографии од затворите во Лапушник, Злаш и во Клечка, каде вкупно имало 20-ина мачени и убиени цивили.

    Воведниот збор на Хашкото обвинителство против четворицата обвинети продолжува денеска, по што ќе следи воведниот збор на одбраната.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира