Досегашниот прв човек на ЈП „Градски паркинг“ Крсте Петревски е нов директор на ЈСП „Скопје“, информираат извори на САКАМДАКАЖАМ.МК во двете претпријатијата. Градоначалничката Данела Арсовска повторно менува директори и досегашниот Александар Стојковски го менува со Петревски кој е кадар на ГРОМ.
Петревски е трет директор на јавното сообраќајно претпријатие откако градоначалничка на Скопје е Данела Арсовска. Во моментов Скопје нема функционален јавен превоз кој треба да го организира ЈСП. Автобуси нема, се чека по еден час, а кога ќе дојдат се преполни, па граѓаните не можат да се качат.
САКАМДАКАЖАМ.МК побара изјава од Петревски за новата функција и како планира да го реши проблемот за тоа што Скопје нема јавен превоз, но тој не одговараше на нашите повици.
Одговор не добивме ниту на телефонски повици и пораки до градоначалничката Данела Арсовска и нејзниот тим за односи со јавноста. По обичај, никој не одовараше.
Арсовска вчера им ги продолжи договорите на досегашните директори на „Паркови и зеленило“ и „Улици и патишта“ Реџепи Зухејр и Саид Саид кои се кадри на ДУИ. На нив Арсовска после 6 месеци в.д. им додели менаџерски договори со мандат од 4 години. Од двете претпријатија ни ја потврдија оваа информација и рекоа дека вчера веднаш била потпишана и исплатена платата за месец март.
А. АНТЕВСКА