Германската амбасада во Скопје апелира до граѓаните да не им веруваат на луѓе кои за пари ветуваат термин за поднесување на барање за виза, како и воопшто на луѓе кои се претставуваат како вработени во амбасадата и даваат ветувања. Објавата на Германската амбасада на социјалните мрежи доаѓа откако минатата недела беа уапсени две лица од Гостивар кои лажно нуделе работни визи за Германија.
„Фер и транспарентно доделување на термини за поднесување на барање за виза како и проверка на вашите барања согласно важечките закони се наш и ваш заеднички интерес. За жал, постојано има луѓе кои со погрешни информации сакаат да извлечат профит за себе. Лагите и погрешните информации ви штетат вам и на Амбасадата. Неодамна, беа уапсени две лица во Гостивар поради вакви обвинувања, а печатот повеќе пати известуваше за тоа. Затоа, заштитете се и имајте предвид: Термини за виза се доделуваат само преку веб-страната на Амбасадата! Оној што ви ветува термин за пари, лаже! Термините не може да се купат! Лицата што на улица се претставуваат како вработени во Амбасадата и даваат ветувања, лажат! Доколку некој ви понуди фалсификувани или лажни јазични сертификати, одбијте! Нашите вработени се обучени и препознаваат вакви фалсификати. Вашето барање ќе биде одбиено“, велат денеска од Германската амбасада.
На 5 април, Основното јавно обвинителство Гостивар соопшти дека отворила истрага против измамничка која лажно нудела работни визи за Германија
Оттаму велат дека осомничената, во периодот од март лани до март годинава, прикажувајќи се како вработено лице во Германската амбасада во Скопје и во полиција, довела во заблуда осум оштетени лица од Гостивар. Како што кажаа од обвинителството, целта ѝ била, искористувајќи исти или слични прилики, да прибави за себе противправна имотна корист.
Таа на жртвите им нудела да им обезбеди работни визи за Германија или сертификати за познавање на германски јазик, а во замена наплатувала парични средства. На тој начин, од сите оштетени, успеала да се стекне со вкупна противправна имотна корист од околу 18.500 евра. Откако ќе им ги земела парите на измамените, таа потоа повеќе не им се јавувала на телефонските повици.
На измамничката ѝ беше одрeден притвор во траење од 30 дена.
Германија останува најпопуларна дестинација за македонските граѓани. Иселувањето во Германија е олеснето со т.н. Западнобалканско правило, според кое што во иднина годишно во Германија ќе можат да се вработат до 50.000 луѓе од Македонија и регионот, дури и ако немаат стручни квалификации, бидејќи на Германија и` недостига работна сила во речиси сите области. Претходно, оваа бројка беше 25.000 годишно.
Дополнително, се планираат измени во германското законодавство со кои што луѓето од овој регион ќе можат првин да се доселат во Германија, а потоа да бараат работа.