Петочлена комисија од еминентни професори од Катедрата на анестезија на Медицинскиот факултет на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во 2014 се повлекла и одбила да му ја нострифицира специјализацијата од Косово на анестезиологот-тиктокер д-р Ваљтон Дервиши., осмничен за несовесно работење во службата и неовластено снимање. Специјализацијата, според извори на САКАМДАКАЖАМ.МК во Министерството за здравство, му е потпишана во 2015 од тогашниот министер Никола Тодоров.
Четириесет и тригодишниот Дервиши веќе пет дена е во притвор, откако на ТикТок ги објавуваше пациентките на Гинеколошкиот оддел на тетовската Клиничка болница. Во таканаречен ТикТок предизвик тој имал дијалог со друг тиктокер и снимајќи се вулгарно ги коментирал пациентките кои беспомошни лежеле на тетовска Гинекологија.
Откако снимките беа објавени и предизвикаа голема вознемиреност во јавноста, полицијата го приведе анестезиологот. Случајот го пријави директорот на Клиничката болница од Тетово Плумб Вела. На 15 април, Дервиши доби осумдневен притвор по предлог на Обвинителството и судија на претходна постапка од Основниот суд Тетово.
Лекарот дипломирал на Приштинскиот универзитет во 2007 година, потоа почнал специјализација на Медицинскиот факултет во Скопје, но ја прекинал и ја продолжил специјализацијата во Приштина. Во 2014 година побарал тука да му се нострифицира специјализацијата. Петчлената комисија од Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје два пати заседавала и побарала дополнителни документи и објаснувања од колегите на Приштинскиот факултет. Откако не добила документи не донела одлука за нострификација, по што се повлекла, меѓу другото и поради политички притисоци од партиски моќници.
Докторите од Скопскиот Клиничкиот центар со кои разговараше САКАМДАКАЖАМ.МК, а кои не се овластени да даваат официјални изјави, кажуваат дека откако Дервиши ја почнал специјализацијата на Клиниките во Скопје по извесно време оттаму му се губи трага.
Кога се вратил од Приштина, комисијата за нострификација на специјализацијата се повлекла од лични причини, затоа што им било многу сомнително што на документите имало само еден потпис, а плус добиле и дојави и од медиуми и од колеги од Косово дека таа личност можеби и воопшто не завршила специјализација.
„Уште не знаеме како министерот за здравство ја потпиша нострификацијата“, велат нашите соговорници.
„Страшно е, додаваат тие, што сега се повторува истиот случај за неговиот зет од сестра, на лекарите повторно им се врши политички притисок, но комисијата и нему одбива да му ја потпише нострификацијата за специјализација од Косово. Сега има втора комисија и не знаеме до каде е таа процедура“, велат нашите соговорници.
Според соговорници од Тетово, Дервиши во Болницата долго време бил толериран и покриван. Тој е вработен во времето на претходниот директор на Тетовската болница, д-р Флорин Бесими, кој си поднесе поставка по пожарот во монтажната ковид-болница на 8 септември 2021, кога загинаа 14 пациенти. Според нашите извори, тој дури не ја ни вклучил лиценцата за работа во документите за прием во Тетовската болница.
Претседателката на Лекарската комора, д-р Калина Гривчева-Старделова кажа дека Обвинителот на Судот на честа на Лекарската комора достави обвинение против Дервиши заради времено одземање на лиценцата за работа. Максималната казна е 7 години да биде одземена лиценцата.
„Лекар вработен во оваа институција за жал ја искористил својата позиција во институцијата и ги нарушил правата на пациентите и нивното достоинство, а со тоа ги нарушил угледот и честа на нашата лекарска професија. Итно свикавме вонреден состанок на Комисијата за етички и правни прашања. По детална расправа и разгледување на случајот, Комисијата донесе едногласна одлука за покренување на постапка пред Судот на честа на Лекарската комора. Обвинителот на Судот на честа по разгледувањето на пријавата истата ја прифати и до Судот на честа на Комората достави обвинение против доктор Ваљтон Дервиши, анестезиолог кој веќе не е вработен во Болницата, со предлог Судот на честа да му изрече мерка за времено одземање на лиценцата за работа, согласно правните регулативи. Обвиниението во овој момент му се доставува на докторот кој е во притвор“, рече д-р Гривчева-Старделова.
Таа додаде дека по истек на минималните временски рокови, предвидени во постапката, Судот на честа ќе заседава за донесување на конечна одлука.
Д-р Гривчева-Старделова изрази најостра осуда за инцидентот и, како што рече, во име на целата струка им се извини на пациентките кои биле снимени без дозвола додека беспомошно лежеле на Гинеколошкиот оддел во болницата.
Екипа на СДК.МК