Владата ќе го презентира Договорот за изградбата на Коридорот 8 и на Коридорот 10-д во собраниска процедура, но само пред оние пратеници што имаат безбедносен сертификат, а такви се бројат на прстите од една рака. Ова значи дека пратениците на кои им е потребно да го видат Договорот за да може да расправаат и да одлучуваат во соодветните комисии за земјоделие, за труд и социјала, за култура, за урбанизам и другите комисии на кои се однесуваат измените на деветте закони за коридорите, нема да го видат. Или, ќе го видат, ама без доверливите податоци во него, затоа што повеќето членови на овие клучни собраниски комисии за предложените девет закони, немаат безбедносни сертификати.
Безбедносни сертификати имаат главно пратениците членови на комисиите за безбедност, разузнавање, прислушување, НАТО соработка. Но, овие предлог-законски измени за коридорите нема да бидат на расправа во тие комисии, бидејќи не се засегнати.
Тие пратеници со безбедносни сертификати, и да го видат Договорот во целост, не може да им прераскажат на колегите што немаат такви сертификати, бидејќи се обврзани да остане тајна сè што ќе видат. Во спротивно, се одговара кривично, со затворски казни.
Во ВМРО-ДПМНЕ прашуваат: „Како групата пратеници предлагачи на деветте закони по итна постапка, ги предложиле законите? На слепо? По наредба од Владата, или сепак ѕирнале малце во Договорот со степен на доверливост? Но ако го виделе Договорот, дали сите потпишани пратеници имаат безбедносни сертификати?“.
Владата на попладнево соопшти дека претставници од Владата и членови на Комитетот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10 –д, вклучени во овој најголем инфраструктурен проект, ќе ја презентираат документацијата и деталите од Договорот за изградба на овие два коридора.
„Целта е пратениците да се запознаат со содржината и сите детали од Договорот за изградба на двата коридора, кои се од нивни интерес. Презентацијата на Договорот, ќе биде спроведена пред сите пратеници од Собранието на Република Северна Македонија кои поседуваат соодветен безбедносен сертификат“, соопшти Владата.
С. К. ДЕЛЕВСКА