Глутници кучиња скитници го имаат преплавено Тетово. На социјалните мрежи тетовци постојано објавуваат фотографии од кучиња скитници кои ги има насекаде, на улиците, по тротоарите, од периферијата па сè до центарот на градот. Една таква глутница од десетина кучиња се наоѓа на само дваесетина метри од зградата на Општина Тетово.
Од Општина Тетово велат дека тие се носат тука од други населени места, но досега не успеале никого да санкционираат за ова. Проектот за заловување на овие кучиња кој Општината го потпиша со Здружението „Амос шелтер“ е завршен, а за негово продолжување дополнително ќе се разговара.
„Првичниот договор со здружението ‘Амос шелтер’ беше да се заловат 82 бездомни кучиња. Досега се спроведени две акции за заловување, со што е испочитуван првичниот договор. За понатамошните акции и соработки на Здружението со Општина Тетово дополнително ќе се разговара. Она што загрижува е што секојдневно се носат и по повеќе од 20 кучиња од други населени места во Тетово. Нашите екипи ги следат овие прекршители, но не е едноставно да се пресретнат на лице место и да се регистрираат таблиците на возилата што ги носат кучињата. Се работи за проблем кој не е сериозно третиран со години и со кој се соочува цела држава. Бараме трпение од граѓаните, но и помош, доколку забележат случаи на истовар на бездомни кучиња од други места во нашиот град, да пријават“, соопшти Општина Тетово.
Според информациите од тетовската полиција, минатата година во СВР Тетово биле пријавени 59 каснувања од кучиња ситници во Тетово и Тетовско, а годинава само за изминативе 4 месеци пријавени се 40 каснувања.
Неодамна, Општина Тетово донесе тарифник со кој се утрвдува надоместокот што треба Општината да им го исплати на лицата кои биле каснати од кучиња скитници. Од Општината велат дека досега се поднесени 28 пријави и сите тие се во процедура на решавање.
Според правилникот, за каснување се добиваат од пет до 15 поени, во зависност од тоа колку било силно. Ако ве каснало еднаш или повеќепати, повторно добивате од пет до 15 поени. Различен број поени се добиваат и за големината на претрпениот страв и за последиците на каснувањето.
З. АНДОНОВ