Бремената битолчанката Емина Бајрамовска со две малолетни деца живее по улици. Откако пред еден месец ѝ изгоре трошната куќичка, секој ден е соочена со страотна неизвесност каде да се засолни со малечките деца. Едното е годиначе, а другото само што наполни две години. Во предизборниот период кога политичарите ветуваат автопати, железнички пруги, просечни плати, вработувања, Емина нема ни дом, ни работа. Во битолското Картон Маало каде што се наоѓаше нејзината трошна куќа, а денес пепелиште, ветувањата за подобар живот на политичарите пред избори наликуваат на научна фантастика.
„Се бистри некоја висока политика, додека сиромашниот народ се бори за корка леб. Да гласам нема со што. Личната карта ми изгоре заедно со се куќата. Но и да ја имав, не излегував на избори. Никој не ми помогнал, одам од институции до институции, сите креват раменици, a сопругот ми е во затвор и не може да нѐ заштити. Со недели сум без покрив над главата со две деца. Третото ми е во стомакот, барем тоа е засолнето“, вели Бајрамовска.
Минатата недела жителите во два наврата го блокираа регионалниот пат Битола-Ресен оти останале без струја, па протестираа поставувајќи камења и автомобилски гуми, а на патот запалија и оган. Овој дел од битолскиот Баир, кој се наоѓа од двете страни на патниот правец Прилеп-Ресен непосредно пред тунелот над Битола, се нарекува „Петочна вода“. Во населбата живеат околу 2.000 луѓе од ромската етничка заедница, а само во оние 80 куќарки од десната страна на патот, околу 400.
Тажните судбини на жителите од Картон Маало во Битола наликуваат на ликовите од романите на Чарлс Дикенс. Само што во нив е опишан животот во 19 век во Англија, а битолчаниве живеат два века подоцна исто така во бедни услови. Двесте жители во оваа сиромашна населба која се издига над магистралниот пат во Битола, куќи градат од што ќе најдат, покрај тули и малтер, користат ламарини, картони, други лесно запаливи материјали.
Како што лесно се пали картонот, така брзо им горат и куќите. Повеќето од жителите се на диво приклучени на електричната мрежа, па предизвикуваат проблеми во напојувањето, а не ретко и пожари. Огнот пред неколку месеци ѝ го проголта и живеалиштето на Амида Демировска , мајка на четири малолетни деца. Соочена со неможноста да ги згрижи и прехрани, најмалото дете го дала во домот на посвојување.
„Основни услови за живот немаме. Живееме во една соба под кирија, а немаме ,да ми простите на муабетот, ни нужник децата каде да извршат нужда. Каде да ги избањам за да ги пуштат во школо? Добивам потврда од Социјалното , па одам во Црвениот крст по облека, секогаш не се годи“, вели Демировска.
Скоро и да нема недела без да се пеплоса нечиј дом. Од ЕВН бараат легално и разумно користење на електричната енергија за да не настануваат проблеми, а жителите бараат од државата повластена цена на струјата за социјалните случаи.
„Ако оваа зима немаме струја ќе земаме чекани и ќе го срушиме патот. Белким државата може да помогне да се најде начин овие 50 куќи да не мрзнат среде зима“, вели Сељадиб Имеровски.
Главниот проблем е заразата која демне од калливите улици низ кои течат фекалии. Децата и покрај студот, боси, по влечки газат по смрдливата раскашкана земја. До оваа населба споро стигнуваат инвестициите во инфраструктура. Има само по некое асфалтирано уличе , нема канализација, ни водоводни цевки. Само по некој хидрофор за да се исцрпи вода, која кога ќе надојде децата ја полнат во пластични шишиња и ја носат дома. Од неа пијат, се капат, готват.
„Пред секои избори, политичарите доаѓаат и ни ветуват дека ќе направат услови за подобар живот. Но, по секои избори ни останува калта. Овој пат не нѐ ни спомнаа“, вели Серѓул Муосовски.
Од Националиот ромски центар годинава соопштија дека дел од населбата на Ромите во Битола е без пристап до инфраструктура. Истакнаа дека голем број Роми во градот немаат воопшто поднесено барања за легализација на дивоградбите.
Инаку, во Картон Маало сите улици и жители се водат под една адреса, „ Караорман 111“. Неа ја нема во развојниот план на Општината за периодот од 2017 до 2019 година. Во минатите години имаше инфраструктурни зафати на улиците „Мирче Ацев“ и други делови од „Караорман“.
Пред шест години, тогашниот министер без ресор Неждет Мустафа во Битола изјави „цврсто ветувам дека во вашиот град во 2010 година ќе нема улица која нема да биде асфалтирана, каде ќе нема канализација и водовод.“
„Нашата Влада ќе влезе амбициозно во најмизерните субстандардни живеалишта на Ромите во државата и ќе им го подобри животот“, рече Мустафа.
Тогаш се најави отстранување на картон маалата , а на нивно место изграда на типизирани куќи со пари од предпристапните фондови на ЕУ. Но, до денес останаа само ветувањата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА