Во новата верзија на Законот за експропријација отпадна фразата „без извршно судско решение“. Овој закон е дел од петте закони за изградба на стратешките Коридори 8 и 10д предложени по вторпат во Собранието. Јавноста стравува дека токму со Законот за експропријација предвидените 300 милиони евра за обесштетување ќе се даваат од ракав на сопственици на недвижнини заради купување гласови. Исфрлањето на делот „без извршно судско решение“, значи дека нема на ѓутуре да се исплаќа експропријација за земјиштето и дивоградбите што ќе се најдат на мапата на автопатиштата, туку само за оние кои низ судска постапка ќе се легализираат.
Тоа значи дека ако некој сопственик на земјиште поведе или веќе е во постапка за легализација на дивоградба кај што ќе се гради, а треба да се исели, ќе се чека исходот од управната или граѓанската постапка, а за тоа време инвеститорот ќе му плаќа кирија. Ако сопственикот на дивоградбата изгуби на суд и не може да ја легализира, тогаш државата преку ЈП Државни патишта ќе му го исплати само присвоеното, експроприраното земјиште. Нема да биде како во првичната верзија на измените (кога Владата поднесе измени на 9 закони во Собранието), во кои заради убрзување на постапката беше предвидено државата да исплаќа за екпропријација веднаш, без да чека извршно судско решение за дивоградбите на трасата на коридорите.
Изградбата на четирите автопатски делници на коридорите според првичните најави ќе чини 1,3 милијарди евра, без средствата за експропријација кои се проценуваат на околу 300 милиони евра.
Експропријацијата ќе чини најверојатно помалку од предвидените 300 милиони евра и од уште една причина, можеби поважна од првата. Имено, се планира со подзаконски акт што треба да го донесе министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, пазарната вредност на земјиштето што ќе се експроприра да се пресметува и врзе со данокот на имот што го плаќа сопственикот на недвижнините.
Ако плаќа низок данок, по утврдена ниска пазарна вредност на куќата на пример, нејзиниот сопственик нема да има право да бара поголемо обесштетување, за експропријацијата ќе добие пари според вредноста за која плаќал данок. Оваа гаранција од Владата, тврдат за САКАМДАКАЖАМ.МК пратеници од СДСМ, била главната причина тие да се согласат апсолутно да ги гласаат докрај петте новопредложени закони, по скратена постапка со европско знаменце.
Владејачкото мнозинство во Парламентот предводено од СДСМ и ДУИ токму денеска демонстрираше доволен број гласови за да ги донесе новопредложените пет закони за изградба на коридорите што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, гласајќи тоа да биде по итна постапка, со европско знаменце. За потребата за носење на овие закони по итна постапка, што е првата скала во собраниската процедура, гласаа од 60 до 62 пратеника од мнозинството од вкупно 64. Двајца од коалицијата се против.
Претседателот Талат Џафери лесно ги броеше, бидејќи опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Левица ја напушти седницата кога дојдоа на дневен ред: Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи; Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација; Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење; Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) .
Меѓутоа, утврдувањето на дневниот ред за денешната седница ќе оди потешко. За збор се пријавиле 25 пратеници од опозицијата.
Меѓу тие кои ја напуштија седницата беше и пратеникот Павле Трајанов, кој кажа дека Владата достави пет закони и тоа со европско знаме, со цел да се легализираат коруптивните елементи на договорот со „Бехтел и Енка“, како и да се амнестираат министрите кои го усвоиле договорот, како и неговите потписници.
„Со потпишување на договорот во кој има одредби кои се спротивни на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за изградба на Коридорите 8 и 10 д, како и на одредби од законите за урбанистичко планирање, градење, експропријација и работни односи, се работи за класична злоупотреба на службената положба и постојат основани сомненија за кривична одговорност. Овие закони ги предлага со европско знаме, но тие не се во насока на усогласување на нашите закони со законодавството и стандардите на ЕУ“, смета Трајанов.
Предупреди дека ако Парламентот ги усвои овие пет закони, „во суштина ќе се случи тежок институционален криминал, бидејќи ќе се амнестираат од одговорност сите министри и премиерот и ќе се легализира грабеж од огромни размери“.
Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир денеска кажа дека системот на европско знаменце се користи кога се усогласува легислативата на земјава со легислативата и стандардите на ЕУ.
„Нè загрижува означувањето на законите поврзани со коридорите 8 и 10д со европско знаменце, со оглед на тоа што тука нема усогласување со стандардите на ЕУ“, изјави денеска Гир на почнувањето на проектот „Поддршка за реформите во шумарството во Северна Македонија“.
С. К. ДЕЛЕВСКА