„Се наоѓаме во многу специјален момент од историјата кога процесот на проширување е поставен како врвен приоритет на агендата на ЕУ, што значи дека работите може да се развиваат многу брзо. Земјава може да ја зграпчи таа можност, тој моментум за да може да се придвижи напред, а следниот чекор којшто треба да се направи е измена на Уставот“, изјави денеска шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава Дејвид Гир кој присуствуваше на одбележувањето на Денот на Натура 2000 и Светскиот ден на биодиверзитетот во Општина Дебарца.
На новинарско прашање што може да се очекува за процесот за проширување на ЕУ по најавата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји за забрзување на процесот и за носење клучни одлуки многу бргу, Гир рече дека пристапни преговори се јасен пат за државата, но за да може да се комплетира целиот процес следниот чекор којшто треба да се направи е промена на Уставот.
„Се разбира дека тука зборуваме за суверена одлука која што треба да се направи од страна на вашата држава. Меѓутоа зборуваме за една одлука која што е суштествено значајна за да може да се придвижиме напред“, изјави амбасадорот Гир.
Тој потенцира дека за процесот на евроинтеграциите клучни се и реформите, но потребно е да се забрза нивната динамика. Евроамбасадорот кажа дека колку побрзо се спроведуваат реформите, толку побрзо ќе биде и самото влегување на земјата во ЕУ.
„Всушност реформите коишто се поврзани со животната средина, меѓутоа, исто така, и реформи коишто се однесуваат генерално на сите сфери од животот за да може земјата рапидно брзо да се приклучи кон ЕУ. Тоа што е потребно да се направи е да се забрза динамиката на самите реформи за да може земјата што поскоро да може да ги искористи сите придобивки коишто се нудат од страна ЕУ. Јас сум навистина убеден ако ги преземете овие чекори, ќе се приклучите кон ЕУ“, кажа Гир.
С.ВРЕНЦОВСКА