Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски тврди дека Министерството за труд и социјална политика (МТСП) врши невиден притисок врз локалната самоуправа, при избор на директор во градинката „Ангел Шајче“ во Куманово. Тој на прес-конференција обвини дека ресорното Министерство во незаконска постапка сака да го натера да го прифати предлогот на Управниот одбор, и на функцијата да остане досегашната директорка, а во спротивно се соочува да остане без ингеренции.
„Во постапката за именување на директор на ЈОУ ‘Ангел Шајче’, Општина Куманово има постапено согласно своите законски надлежности, но сепак од Министерството добива второ укажување на определени материјални и процедурални недостатоци во работата, коешто е неосновано, тенденциозно, и истото не наведува да постапиме спротивно на законот и Статутот на установата, и тоа повторно замислете во нереален рок од вкупно еден ден. Актуелниот директор е на чело на институцијата цели 20 години, а на истиот по сила на закон по основ на пензионирање му престанува работниот однос за неполни 2 години, со што не е во можност да ја реализира и понудената четири годишна програма за работа на оваа установа. Очигледно е дека со ова МТСП се обидува со неоснована постапка да изврши притисок врз локалната самоуправа за да се наметне решение за директор евентуално избрано по партиски клуч, односно да се овозможи на таканаречените ‘вечни директори’ да продолжат да менаџираат со институциите на локално ниво, штитејќи ги партиските интереси наспорти општите граѓански интерес“, кажа Димитриевски.
Тој тврди дека кандидатката на Управниот одбор не ги исполнува условите, бидејќи 20 години последователно е директорка на установата, а согласно член 37 од Статутот на градинката, нема право на повторен избор пред истек на четири години од последниот избор. Членовите на УО откако по вторпат го пратиле истиот предлог до Општината, во меѓувреме го смениле и спорниот член.
„Од Општина Куманово е покрената кривична пријава против членовите на Управен одбор и за истите ќе се водат постапки пред надлежни органи. Јас како градоначалник согласно своите надлежности за запазување на законитоста на постапката и должноста за пријавување на сторени кривични дела не го прифатив предлогот за што го известив Управниот одбор и донесов решение за именување на вршител на должност директор, кој согласно закон функцијата ќе ја извршува од 01.06.2023 година до именување на нов директор, т.е избор на нов директор и тоа најмногу во рок од 6 месеци од денот на неговото именување“, вели градоначалникот.
Димитриевски обвини дека историјата се повторува, бидејќи пред неполни четири години на Општина Куманово под неразјаснети околности и биле одземени ингеренциите врз градинката „Ангел Шајче“ – Куманово, при што Министерството за труд и социјална политика во тогаш, според него, нетранспарентна и недемократска постапка ја реизбрало актуелната директорка на оваа институција, спротивно на Статутот, со што и овозможило да менаџира дваесетина години. Пред 2 месеца, кога требаше да се распиша конкурсот за нов директор, Министерството повторно ги одзема надлежностите на Општина Куманово, но по два дена се премисли и ги врати.
Борбата за директорското место во Кумановската градинка е помеѓу локалната власт на Димитриевски и неговите политички опоненти и поранешни сопартијци од СДСМ, кои имаат власт на централно ниво.
С. НИКОЛИЌ