Земјоделците од општините Градско и Росоман од 10 до 14 часот го блокираа патниот правец од Градско до Дреново на две места. Земјоделците од Градско го блокираа патот кај исклучувањето од автопат кон Охрид, а жителите на Росоман кај Дреново. Тие бараат да се пушти водата во хидросистемот Макарија кој десет дена е оштетен по хаваријата, поради што нема вода за наводнување.
„Досега никој од надлежните не излегол да каже кога ќе го оспособат. Нема вода, нема род, а за нас нема живеачка. Како да обезбедиме средства за живот, кога културите не се наводнуваат?“, велат земјоделците и овоштарите од овој крај.
Според нивните проценки, 10-12 илјади хектари се без вода. Во овој период не може да се полеваат праските, треба да се полева лозјето и пиперката „куртовска капија“, која сега се засадува.
„Ако нема вода нека прогласат елементарна непогода и нека нè обесштетат. Што сме ние виновни за да ја плаќаме нивната неспособност да ја решат хаваријата?“, велат овоштарите.
Хаварија се случи на 29 мај на сифонот на левиот магистрален канал на системот Макарија, по левата страна од течението на Црна Река сè до испустот кај село Ногаевци. Од овој систем земјоделците од Росоман и Градско добиваат водата за наводнување.
Владата соопшти дека на денешната седница, од АД Водостопанство е доставен конкретен предлог кој предвидува санација на цевководот Макарија, при што во рамки на оштетениот дел се предлага монтирање на соодветни цевки кои ќе обезбедат доволно количина на вода за наводнување на пријавените површини од 2.050 хектари, за сезона 2023.
„Времето на изведба на овој потфат ќе овозможи да се запази сезоната за наводнување. Решението кое се предлага и кое може да се изведе во брз рок има карактеристика на решение од траен карактер, при што се олеснува понатамошното реконструирање на целосниот цевковод Макарија и се заштедуваат средства за идните зафати на другите делови од системот за наводнување. На денешната седница на Владата се обезбедуваат средства во рамки на Програмата за водостопанство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со воведување на нова мерка која ќе опфати целосна санација на цевководот во износ од околу 82 милиони денари, при што АД Водостопанство во периодот кој следи ќе треба да ги изврши административните процедури за подготовка на постапката за јавна набавка за санација“, соопшти Владата.
П. ПЕЧКОВ