НОВ ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР ВО ОПШТИНА БИТОЛА ОТИ СОВЕТОТ РАЗРЕШИ УПРАВНИ ОДБОРИ ВО ШЕСТ ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА, А ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НЕ ПОТПИШУВА

    НОВ ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР ВО ОПШТИНА БИТОЛА ОТИ СОВЕТОТ РАЗРЕШИ УПРАВНИ ОДБОРИ ВО ШЕСТ ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА, А ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НЕ ПОТПИШУВАЗа разрешување на овие тела, назначени од локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ, на седницата на први јуни гласаа СДСМ, Поинаку, Левица, ДОМ и ДУИ, кои така создадоа ново мнозинство во Советот. (Фото: СДК.МК)

    По барање на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, во Општина Битола во тек е нов инспекциски надзор од Државниот инспекторат за локална самоуправа во врска со донесените одлуки на Совет за разрешување на управните и надзорните одбори во шест јавните претпријатија. За разрешување на овие тела, назначени од локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, на седницата на први јуни гласаа СДСМ, Поинаку, Левица, ДОМ и ДУИ, кои на овој начин создадоа своевидно ново мнозинство во Советот. Образложението беше дека јавните претпријатија „Водовод“, „Комуналец“, „Пазари“, „Паркинзи“, „Жабени“ и КИЦ работат со загуби.

    „Одлуките кои не ги потпишав, не само што се донесени противзаконски, туку имаат за цел и да доведат до целосна парализа на сите јавни претпријатија и да ги доведат на работ на егзистенција над 1.000 вработени во претпријатијата. Очекувам инспекцискиот надзор да го потврди токму тоа, дека ваквото делување на Советот е противзаконско и на штета на Битола“, рече Коњановски.

    Бидејќи тој не ги потпиша одлуките и не ги објави во Службен весник, а не ги ни врати на повторно разгледување во Советот, советниците од СДСМ во Основното јавно обвинителство во Битола поднесоа кривична пријава против него за злоупотреба на службената положба.

    „Сметаме дека погреши во постапките зашто е должен во предвиден законски рок по потпишување на актите од претседателот на Советот, да ги објави во Службен весник. Доколку смета дека има било какво прекршување на правилниците и законите треба да ги врати назад со Советот на повторно разгледување во рок од 15 дена. Тој тоа не го направи. Се обвидува да спречи одборите да станат граѓански и граѓаните да завладеат со јавните претпријатија“, рече Методија Илиевски, координатор на советниците од СДСМ.

    Претседателката на Совет, Габриела Илиевска од Поинаку, граѓанска иницијатива која порано дел од советничкото мнозинство со ВМРО-ДПМНЕ кое веќе не го поддржува, рече дека комуникацијата со градоначалникот им се одвива преку допишување.

    „На писмено се обратив неколку пати до градоначалникот, кажав дека не може да се изврши запирање на општи акти. Побарав да ми објасни по кој пропис, член и закон има право да ги запре општите акти? Одговорот му е конфликтен и не можам да го разберам. Се работи буквално за кочење на одлуки кои ги донел Советот“, рече Илиевска.

    Вонреден инспекциски надзор од Државниот инспекторат за локална самоуправа беше извешен и во мај годинава, откако 26 седница Илиевска ја прекина заради дополнителни конзултации, а ВМРО-ДПМНЕ со Левица и ДОМ постигнаа кворум и ја продолжија. Надзорот утврди дека седницата била неправилно прекината, а Илиевска на тоа поднесе жалба.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира