Камионите со ѓубре со кои скопските општини сами го чистеа сметот не се пуштаат да го депонираат во депонијата „Дрисла“. Вработените на депонијата добиле наредба да се пуштаат само камиони од Општините Сарај и Карпош, но не и од другите скопски општини. Ѓубрето се истовара пред депонијата.
Градоначалниците Тимчо Муцунски и Орце Ѓеорѓиевски рекоа дека мора да ги испразнат камионите за да продолжат да го собираат наталоженото ѓубре кое Градот го остави цел викенд.
„Општините имаат договори со ‘Дрисла‘ за депонирање ѓубре. Значи, иако не е наша обврска, ние бараме да го депонираме ѓубрето и за тоа ќе платиме. Но, и покрај тоа што го оставија градот затрупан во ѓубре, сега не се дозволува да се фрли ѓубрето на депонија“, рече Муцунски.
Скопските општини на чие чело се градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ со помош од другите градови во недела вечер излегоа да го чистат Скопје откако состојбата со ѓубрето стана алармантна, а вработените од „Комунална хигиена“ најавија дека нема да работат додека директорката Косана Мазнева-Николиќ не си поднесе оставка.
- ПОЛИЦИЈАТА ЕДВАЈ ВЛЕЗЕ ВО СКОПСКА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ ЗА ДА ГИ ИЗВАДИ КАМИОНИТЕ ЗА ЧИСТЕЊЕ
- СКОПСКИТЕ ОПШТИНИ СО КОМУНАЛЦИ И МЕХАНИЗАЦИЈА ОД ДРУГИТЕ ГРАДОВИ ЌЕ ГО ЧИСТАТ СКОПЈЕ
А. АНТЕВСКА