КАЗНА ОД 90.000 ЕВРА ОД АРСОВСКА НЕ Е СТИГНАТА, АМА ДОЗНАВМЕ ДЕКА НИ Е ПИШАНА ЗА ЃУБРЕТО ШТО ГО ИСТУРИВМЕ ПРЕД „ДРИСЛА“, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КИСЕЛА ВОДА ЃОРЃИЕВСКИ

    КАЗНА ОД 90.000 ЕВРА ОД АРСОВСКА НЕ Е СТИГНАТА, АМА ДОЗНАВМЕ ДЕКА НИ Е ПИШАНА ЗА ЃУБРЕТО ШТО ГО ИСТУРИВМЕ ПРЕД „ДРИСЛА“, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КИСЕЛА ВОДА ЃОРЃИЕВСКИЃорѓиевски вели дека од извори во Град Скопје дознал оти е пишана казна и дека инспекторите ги уценувала градоначалничката Данела Арсовска. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски уште не добил казна од Град Скопје од 90.000 евра за фрлањето на ѓубрето пред депонијата „Дрисла“. Вели дека од извори во Град Скопје дознал оти е пишана казна и дека инспекторите ги уценувала градоначалничката Данела Арсовска.

    Во неделата ноќта, скопските општини со помош од другите градови почнаа да го чистат ѓубрето од улиците бидејќи „Комунална хигиена“ два дена не излегуваше на терен. Градоначалниците на Аеродром и Кисела Вода Тимчо Муцунски и Ѓорѓиевски го истурија ѓубрето пред влезот на депонијата „Дрисла“, зошто оттаму не дозволија камионите да влезат иако градоначалниците рекоа дека ќе платат за депонирањето на ѓубрето.

    „Знаеме дека инспекторите под притисок потпишале. Им рекла или потпишете или ќе летате од работа. Оваа казна е неоснована оти отпадот е одложен на територија која не е под надлежност на Град Скопје. ‘Дрисла’ се наоѓа на територија на општините Студеничани и Сопиште. Тоа му е исто како сега да излеземе ние и да почнеме да казнуваме на територија на Општина Велес“, рече Ѓорѓиевски и кажа дека  Арсовска „е некадарна, неспособна, не си ја знае работата и ингеренциите и само лечи фрустрации“.

    Ѓорѓиевски, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во изборната кампања во 2021 година шеташе заедно со Арсовска, кја неговата партија ја поддржа, и бараше граѓаните да гласаат за неа, велеше дека е жена менаџер и ќе го направо Скопје модерен град.

    Од Град Скопје попладнево одговорија дека е изречена казна на Ѓорѓиевски од 88.000 евра согласно со Законот за управување со отпад, за депонирањето на смет пред влезот на депонијата „Дрисла“.

    „Градоначалникот на општина Кисела Вода, кој освен што е функционално неписмен, нема ниту основна култура на однесување. Имено, имотот на парцелата на ЈП „Дрисла“ е во сопственост и основана од страна на Советот на Град Скопје е во директна надлежност на Градот Скопје. Оттука, произлегува дека т.н. „правен тим“ на Ѓорѓиевски е значително помалку едуциран за проблематиката за која е советуван градоначалникот. Негов е проблемот пак, што ја прифатил ваквата сугестија“, се вели во изјавата на Арсовска испратена до медиумите како реакција на прес-конференцијата на Ѓорѓиевски.

    Пред два дена, САКАМДАКАЖАМ.МК ги праша градоначалниците на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, на Аеродром Тимчо Муцунски, на Ѓорче Петров Александар Стојкоски, на Бутел Дарко Костовски и на Гази Баба Борче Стефковски дали ќе им се извинат на граѓаните што ги излажаа да гласаат за Арсовска, а Ѓорѓиевски единствено одговори на нашето прашање, велејќи дека тоа било најголема грешка што ја направил во животот.

    „Точно е дека во одреден момент политичка проценка било дека треба да се даде поддршка на независниот кандидат Данела Арсовска. Длабоко се каам што сум дал поддршка на човек кој сега го девастира градот. Политичка одговорност ќе поднесам ако јас направам грешка во Општината која ја водам. Ова што се случуива ниту било ниту ќе биде во Скопје. Чувствувам длабоко каање што сме дале поддршка и сме сметале дека имаме добар кандидат. Секој може да направи грешка, нашава е фатална, но се надевам и верувам дека нема да се повтори“, одговори Ѓорѓиевски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира