Стаклата низ кои се оди на пешачкиот мост „Око“ во строгиот центар на Скопје се испукани. Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов денеска на прес-конференција алармираше дека постои опасност за минување на овој мост, како и за десетина други низ државата.
„Мостот е стабилен, но стаклата се напукнати. Откако го констатиравме тоа, го известивме Град Скопје, а претставници од таму тврдат дека стаклата се безбедни. Ни рекоа дека работат на нивна замена. Не е лошо граѓаните да не газат по пукнатините, иако од Градот укажуваат дека нема да се скршат“, рече Ангелов.
Ангелов кажа дека небезбедни се уште десетина други мостови низ државата и бара државните институции да се вклучат во нивната санација, бидејќи Општините немаат толку средства.
„На еден од столбовите на мостот кај село Ларци, Општина Градско, има вертикална пукнатина која се одразува на стабилноста на мостот. Преку овој мост минуваат голем број граѓани кои низ него одат да ги работат своите земјоделски површини. Мостот на реката Пчиња, кај селото Пчиња се наоѓа во исклучително лоша состојба и градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски по нашиот апел веднаш интервенираше. Се направи стручно мислење кое вели дека мора да се санира или да се сруши и изгради нов, а овој треба да се забрани за користење на возила. Исто така, опасен е мостот кај Визбегово“, рече Ангелов.
Директорт Ангелов апелираше до граѓаните ако констатираат какво било оштетување на мостовите да го пријават на бројот 112.
А. АНТЕВСКА