ВЛАДАТА ПО ТРЕТПАТ ЈА БАРА УНИВЕРЗАЛНА САЛА ОД ГРАД СКОПЈЕ, БИДЕЈЌИ АРСОВСКА НЕМА НАМЕРА ДА ЈА ГРАДИ

    ВЛАДАТА ПО ТРЕТПАТ ЈА БАРА УНИВЕРЗАЛНА САЛА ОД ГРАД СКОПЈЕ, БИДЕЈЌИ АРСОВСКА НЕМА НАМЕРА ДА ЈА ГРАДИУниверзална сала е затворена 8 години и буквално скапува разурната оти Арсовска не ја гради. (Фото: К. Попов)

    Владата повторно бара да ја преземе од Град Скопје Универзална сала, за да може да ја заврши реконструкцијата која е во прекин скоро 2 години. Советниците на СДСМ по третпат поднесоа иницијатива до Советот на Гард Скопје за времено отстапување на концертната сала. Оваа иницијатива ќе се разгледува на седницата закажана за четврток.

    „Отстапувањето ќе биде од времен карактер, односно откако Универзална сала ќе биде завршена повторно ќе биде вратена на Градот. Преземањето е потребно за да може Владата преку Министерството за култура да ги спроведува сите постапки за реконструкција“, се вели во иницијативата на СДСМ.

    Советниците од СДСМ досега двапати доставија ваква иницијатива со цел Владата да ја реконструира салата, бидејќи градоначалничката Данела Арсовска тоа не го прави ниту има намера. Но, иницијативата не беше прифатена од другите советнички групи. Од ВМРО-ДПМНЕ, која сега е скарана и ја напаѓа Арсовска, рекоа дека не ја гласаат одлуката оти на тој начин Владата собирала политички поени.

    Универзална сала е затворена 8 години и буквално скапува. Градежните работи за реконструкција почнаа во септември 2021 во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов. Според проектот, салата требаше да се гради во две фази, прво надворешноста за што беа обезбедени околу 2 милиона евра од Владата и префрлени на наменска сметка на Град Скопје. По завршување на надворешноста ќе се преминеше кон втората фаза, внатрешноста. Според најавите, првата фаза требаше да биде готова до крајот на 2022.

    Но, по доаѓањето на функција на Арсовска градежните работи беа прекинати. Градоначалничката го обвини минатото раководство на Градот дека е виновно што концертната сала не се гради оти направило небезбеден проект. Арсовска за оваа тема се искара со Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), проектантите и со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на прес-конференцијата која лани во февруари ја свика Министерството за култура за наоѓање заедничко решение и договор за соработка.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира