КАМАТАТА ЗАВРШУВА КАЈ СУМАТА НА ГЛАВНИОТ ДОЛГ, ИЗВРШИТЕЛИТЕ НЕМА ВЕЌЕ ДА ГИ СТАВААТ ГРАЃАНИТЕ ВО ДОЛЖНИЧКО РОПСТВО, ДОНЕСЕН НОВИОТ ЗАКОН ЗА ИЗВРШУВАЊЕ

    КАМАТАТА ЗАВРШУВА КАЈ СУМАТА НА ГЛАВНИОТ ДОЛГ, ИЗВРШИТЕЛИТЕ НЕМА ВЕЌЕ ДА ГИ СТАВААТ ГРАЃАНИТЕ ВО ДОЛЖНИЧКО РОПСТВО, ДОНЕСЕН НОВИОТ ЗАКОН ЗА ИЗВРШУВАЊЕПратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица не ги гласаа овие закони за заштита на граѓаните, а беа во собраниската сала (Фото: СДК.МК)

    Пратениците од владејачкото мнозинство ги усвоија измените на Законот за извршување, со кои оној момент кога износот на каматата ќе го достигне главниот долг (кредитот), тука застанува. Нема сумата да расте до бескрај, како што беше досега, кога граѓаните, на пример за кредит од 500.000 денари, враќаа 3,5 милиони денари и остануваа во должничко ропство.

    За измените, кои граѓаните ги чекаа со години, не гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица.

    Добрата вест е и во тоа што овие измени ќе важат и за постапките за извршување кои се во тек. Оттаму, набилданите суми за извршување до денеска, ќе се скастрат до висината на каматата колку што е главниот долг, без денар повеќе.

    Измените ги бараше Народниот правобранител особено силно последниве две години. До Собранието ги поднесе СДСМ, односно пратеникот Јован Митрески.

    Пратениците денеска, во рамки на 120. седница, го поддржаа и донесувањето на Законот за данокот на солидарност по скратена постапка, но и измените на Законот за облигациски односи.

    Една од целите на измените на Законот за облигациски односи е заштита на правата на должникот поради неактивна улога на доверителот и извршителот. Досега беше предвидено сите побарувања што се утврдени со правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган, или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган, да застаруваат за десет години, па дури и оние за кои законот инаку предвидува пократок рок за застареност.

    Ова се злоупотребуваше, намерно се чекаше да поминат 9 години и 11 месеци за да се почне со постапка за извршување, само за да се дојде до заработка преку енормни камати.

    Со измените, тој рок за застареност се скратува на 5 години.

    Внесен е и нов став кој ќе го појаснува овој дел, при што предлог е застареноста да може да биде прекината само во случај на наплата и реализација на дел од побарувањето, а не со само преземени дејствија на Поднесено барање за извршување, Изготвен налог и слично. Пратениците од СДСМ се подносители на Законот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира