Ова беше магична проекција, рече режисерот Гоце Цветановски на синоќешната премиера на неговиот прв долгометражен игран филм „Бизнисот на задоволството“ на затворањето на 22. издание на Фестивалот на европски филм Синедејс во Скопје. Заблагодарувајќи се на публиката во паркот зад Младинскиот културен центар (МКЦ) за аплаузот, Цветановски рече дека екипата е многу поголема од овие кои се поклонија, околу 80-ина луѓе.
„Благодарност и до Синедејс, ова беше магична проекција, прва проекција пред домашна публика. Се надевам дека и понатаму ќе ве забавуваме со добри проекти, добри филмови“, рече режисерот.
Овој политички трилер минатиот месец беше прогласен за најдобар долгометражен филм на фестивалот „Во палатата“ во Софија, каде што ја имаше и светската премиера.
„Бизнисот на задоволството“ е еден од првите македонски филмови кој се снимаше додека на сила беа строгите ковид мерки. Приказната следи новинарка која, опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција за да разоткрие мрежа на трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола. Улогите ги толкуваат Слаѓана Вујошевиќ, Муса Исуфи, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски е автор и на сценариото. Директор на фотографијата е Фејми Даут, за кого ова е прв игран филм по документарецот „Медена земја“.
Златна ѕвезда за најдобар филм на Синедејс доби „Обичните“ на Софи Линенбаум, а овој филм е награден и за најдобро сценарио на Линенбаум и Михаел Фетер Натански. Сребрена ѕвезда за најдобра режија доби „Тајмаут“ на Ев Душман, а Марија Васкез доби Специјално признание за најдобра изведба во „Матријархат“. Во жирито беа Габриеле Брунемаер, филмски експерт и ментор, и реѓисерите Дина Дума и Ереник Бекири.
Златно сонце за најдобар филм во селекцијата на филмови од Јужна Европа SEE (South Eastern Europa) доби „Шоља кафе и нови чевли“ на албанскиот автор Гентиан Кочи, а овој филм ја доби и наградата на филмската критика. Ова жири со кое претседаваше Влатко Галевски, а членуваа и Стојан Синадинов и Тони Цифровски, го награди и унгарскиот „Лери“ на сценаристот и режисер Шилард Бернат.
Б. НЕСТОРОСКА