ПРАТЕТЕ ИНСПЕКЦИИ ВО ФИНАНСИСКИТЕ ДРУШТВА ЗА БРЗИ КРЕДИТИ, БАРА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ, КОЕ СЕ ПРАВИ НЕНАДЛЕЖНО

ПРАТЕТЕ ИНСПЕКЦИИ ВО ФИНАНСИСКИТЕ ДРУШТВА ЗА БРЗИ КРЕДИТИ, БАРА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ, КОЕ СЕ ПРАВИ НЕНАДЛЕЖНОДа проверите кога и на кој начин биле издавани поединечните кредити на лицето со попреченост кому му се украдени личните податоци, потоа дали, кога и од кое лице како корисник на кредит биле потпишани, како била извршена нивната исплата, на кој начин и на чија сметка, бара изрично Народниот правобранител Насер Зибери. (Фото: СДК.МК)

Незадоволен од одговорот на Министерството за финансии, кое се прави ненадлежно за контрола на финансиските друштва кои даваат брзи кредити на измамници со украдени лични податоци, Народниот правобранител му врати со остар одговор. Му кажува кои му се надлежностите и како треба да ја изврши контролата врз овие друштва, на кои им е дозволено да даваат брзи кредити и само со јавување по телефон.

Повод е претставката од скопјанка, која се жали дека неколку финансиски друштва кои се под контрола на Министерството за финансии во континуитет издаваат кредити на име на нејзиниот изманипулиран син со церебрална парализа, крадејќи му ги името и матичниот број од личната карта. Три кредити што ги зеле измамниците таа и сопругот вратиле досега, за четвртиот немаат веќе средства.

Каматата на последниот брз кредит од 36.000 денари е порасната, жената апелира државата да преземе мерки овие финансиски друштва да запрат да издаваат кредити на име на нејзиниот син, а МВР да ги најде сторителите и да вратат сè што зеле на име на тешко болниот човек. Таа поединечно се обрати до сите финансиски друштва во државата дека не само што издаваат кредити на изманици на име на нејзиниот син, туку и дека личната карта на која издаваат му е украдена, но поништена и неважечка. Таа преку адвокатката на сите им доставила и доказ, објава во Службен весник дека таа лична карта е неважечка, но попусто.

Народниот правобранител Насер Зибери во повратниот допис бара Министерството за финансии да не се крие зад МВР и да не ги меша надлежностите.

„Да извршите инспекциски надзор и да утврдите фактичка состојба – дали при издавањето брзи кредити од конкретните финансиски друштва биле почитували или не одредбите од Законот за финансиски друштва и од Законот за заштита на потрошувачите, при склучувањето на договоти за таквите кредити! Да проверите кога и на кој начин биле издавани поединечните кредити, потоа дали, кога и од кое лице како корисник на кредит биле потпишани, како била извршена нивната исплата, на кој начин и на чија сметка, дали начинот на исплата е во согласност со позитивните законски прописи и крајно – зошто во случајот биле издавани кредити кога сите финансиски друштва од адвокатката на подносителката на претставката, соодветно биле информирани да престанат со издавање кредити со неважечка лична карта!“, му пишува Народниот правобранител на Министерството за финансии, водено од министерот Фатмир Бесими.

Во дописот му се укажува на Министерството дека е единствен надлежен орган за да го испита работењето на финансиските друштва, истото што за САКАМДАКАЖАМ.МК го изјавија и од кабинетот на гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.

„Испитајте го работењето на финансиските друштва и преземете мерки. Не е одговор тоа што кажувате општопозната работа дека кривичното гонење било работа на полицијата, за што со посебен допис Народниот правобранител се обрати до МВР“, пишува Омбудсманот.

Со дописот до МВР, пак, тој бара информација до каде е истрагата и кога ќе ги најдат измамниците што подигаат брзи кредити на име на лицето со церебрална парализа. Одговор сè уште нема, сторителите не се откриени. Ни МВР не го испочитува Омбудсманот.

За преземените мерки Министерството за финансии треба да го извести Народниот правобранител во рок од осум дена.

„Во спротивно, поради попречување на работата на Народниот правобранител и оневозможување на остварување на правата на подносителката на претставката, односно на нејзиниот болен син, Народниот правобранител ќе преземе дејства согласно содржината на член 25, 34 и 34-а од Законот за народниот правобранител“, вели Омбудсманот.

Испратениот одговор каде што Министерството за финансии вели дека не е надлежно за случајот, туку МВР, Народниот правобранител го смета само како формален изговор тоа да не постапи и да не преземе некакви мерки.

Во повратното писмо до Министерството за финансии насловено „Барање за вршење на инспекциски надзор“, Народниот правобранител го потсетува овој орган дека е должен да соработува и да ги достави сите докази и информациии да го извести за преземените мерки за спроведување на неговите барања.

С. К. ДЕЛЕВСКА

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира