СКОПЈАНИ ЌЕ ШЕТААТ ПО КРОВОВИ ЗА ДА НАЈДАТ ЗЕЛЕНИЛО, ГЕРАСИМОВСКИ ВЕЛИ НАДГРАДЕНИТЕ „РАМСТОР“ И „КАМ“ ЌЕ ИМААТ ЗЕЛЕНИ ТЕРАСИ

    СКОПЈАНИ ЌЕ ШЕТААТ ПО КРОВОВИ ЗА ДА НАЈДАТ ЗЕЛЕНИЛО, ГЕРАСИМОВСКИ ВЕЛИ НАДГРАДЕНИТЕ „РАМСТОР“ И „КАМ“ ЌЕ ИМААТ ЗЕЛЕНИ ТЕРАСИ„Кам“ и доградбата на „Рамстор“ ќе бидат со висина од 23 метри или приземје, пет ката и поткровје.(Фото: К. Попов)

    Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вели дека со надградените објекти на трговскиот центар „Рамстор“ и објектот на „Кам“ ќе се зголеми зеленилото во градот оти ќе имаат зелени кровни тераси. Со новиот план за Стара железничка станица, кој беше усвоен на последната седница на Советот на Општина Центар, се зголемува катноста на „Кам“, а „Рамстор“ добива маркичка за проширување на објектот на паркингот. Сега овие два објекта ќе бидат со висина од 23 метри или приземје, пет ката и поткровје.

    Герасимовски вели дека со измените е направено зголемување на вкупната бруто површина на ниво на градска четврт за само 10%. Станува збор за израмнување на висината на постојните објекти „Рамстор“ и „Кам“ со висина дефинирана според венецот на постојните изградени објекти долж истиот уличен фронт.

    „За сметка на доградбите и зголемувањето на процентот на изграденост, инвеститорите на двете парцели се обврзуваат да изведат зелени проодни кровни тераси. Истите се прават со цел да го зголемат процентот на зеленило на ниво на градската четврт и треба да се достапни за јавна употреба. За да се реализира целосно дозволената бруто површина за градба задолжителен услов е и да го обезбедат неопходниот број на паркинг места во рамките на сопствените парцели“, велат од Општината.

    Советниците од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ беа против измените на овој план бидејќи со нив повторно се бетонизира центарот на градот, не се штити јавниот интерес туку се задоволуваат желбите на инвеститорите.

    „Намерата на овој план, кој почна да се прави уште во процесот на мораториум, беше со измените да се реши само потребата на жителите на ќошот од просторот кон Водњанска. Не беше намерата да се зголеми површина за градење на ‘Рамстор‘ и ‘Кам’ да добие уште неколку ката. Ова е претерано. За тој дел Генералниот урбанистики план предвидува да живеат 1.000 луѓе, знаете ли колку станари ќе има само во новите четири кули кои се градат“, рече Дивна Пенчиќ, советничка од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.

    Планот беше усвоен со заедничко гласање „за“ на советниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Двe советнички од СДСМ не гласаа, „Шанса за Центар“ и Левица беа против.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира