МОДУЛАРНИТЕ КОВИД-БОЛНИЦИ СЕ ГРАДЕЛЕ БЕЗ ЕЛАБОРАТИ ЗА ЕЛЕКТРИЧНА ИНСТАЛАЦИЈА И ПРОТИВПОЖАРНА ЗАШТИТА И БЕЗ НАДЗОР, ОТКРИВА НОВИОТ ДОКУМЕНТАРЕЦ НА ИРЛ ЗА ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВО

    МОДУЛАРНИТЕ КОВИД-БОЛНИЦИ СЕ ГРАДЕЛЕ БЕЗ ЕЛАБОРАТИ ЗА ЕЛЕКТРИЧНА ИНСТАЛАЦИЈА И ПРОТИВПОЖАРНА ЗАШТИТА И БЕЗ НАДЗОР, ОТКРИВА НОВИОТ ДОКУМЕНТАРЕЦ НА ИРЛ ЗА ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВОВо пожарот од 8 септември 2021 година во тетовската модуларна ковид-болница загинаа 14 лица. (Фото: СДК.МК)

    Модуларните ковид-болници, вклучувајќи ја и изгорената во Тетово во која загинаа 14 лица, биле градени несоодветно, заобиколувајќи повеќе законски процедури, според истражувањето на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ). Во нивниот најнов документарен филм се вели дека овие болници се граделе без елаборат за електрична инсталација, без елаборат за противпожарна заштита, без надзор на изградбата и низа други законски пропусти.

    Модуларната ковид-болница е изградена по тендер за изградба на 17 модуларни ковид-центри во внатрешноста на земјата. Тендерот е спроведен од Министерството за труд и социјална политика во соработка со Министерството за здравство. Пет од болниците ги изгради валандовската фирма „ЈБТ Ари и Том“, а останатите 12, вклучувајќи ја и тетовската, ги изгради „Брако“.

    Покрај спорните елементи околу тендерските постапки, во документарецот на ИРЛ се вели дека истрагата за пожарот првично се водела во насока кон тоа да се откријат причините за пожарот и зошто толку брзо изгоре целиот објект, но неколку месеци подоцна се поднесува обвинение за сосема други кривични дела.

    Во врска со пожарот од 8 септември 2021 година беше поднесено обвинението против три физички лица, двајцата директори, Флорим Бесими и Артан Етеми за „тешки дела против општата сигурност“ и докторот Бобан Вучевски за „непостапување по здравствени прописи за време на епидемија“.

    Во врска со делот од документарецот во кој се вели дека на судењето не било презентирано германското вештачење за пожарот, од Јавното обвинителството реагираа дека „службената експертиза од Форензичкиот институт при Сојузната криминалистичка служба и лабораторија од Германија е составен дел од доказниот материјал. Тој уредно беше доставен до странките во постапката, приложен заедно со обвинението и во текот на судењето јавно беше изведен како доказ пред Судот“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира