Новата скопска улица Есенинова која ги поврзува општините Аеродром и Кисела Вода конечно е пуштена во употреба. Две години по доаѓањето на функција на градоначалничката Данела Арсовска, улицата која беше речиси целосно завршена сега е официјално завршена. Поставени се семафори, хоризонтална сигнализација и по неа може да се вози. Со тоа, од Кисела Вода сега не мора да се оди до „Тутунски комбинат“ туку кај Рампа се приклучува на новата улица и се излегува на Трета македонска бригада во Аеродром и обратно.
Есенинова почна да се гради во мандат на ексградоначалникот Петре Шилегов. Новата улица е во должина од 730 метри, почнува од Кисела Вода кај Чешма покрај пругата кон амбулантата „Пролет“ и излегува на булеварот Трета македонска бригада во Општина Аеродром. Има две коловозни ленти и тротоари од двете страни низ Кисела Вода, а потоа четири коловозни ленти пред влезот во Трета македонска бригада.
На улицата е изградена нова водоводна и канализациона мрежа, поставено е улично осветлување и изградени се нови подземни бунарски линиски системи кои се во функција со резервоар, пумпна станица и поврзување со хидрантска мрежа.
Со пробивањето на оваа нова сообраќајница ќе се намали гужвата и ќе се скрати кружењето кај „Тутунски комбинат“, кое во периодите на најголемиот сообраќаен метеж трае од 5 до 10 минути.
Изградбата на Есенинова чинеше околу еден милион евра.
А. АНТЕВСКА