МЕСТО УЧИТЕЛИ, ПЕДАГОГ ГИ ПРЕЧЕКАЛ ПРВАЧИЊАТА ВО ШКОЛО ВО БИТОЛА, НА 50 НАСТАВНИЦИ НЕ ИМ СЕ ПРОДОЛЖЕНИ ДОГОВОРИТЕ ЗА РАБОТА

    МЕСТО УЧИТЕЛИ, ПЕДАГОГ ГИ ПРЕЧЕКАЛ ПРВАЧИЊАТА ВО ШКОЛО ВО БИТОЛА, НА 50 НАСТАВНИЦИ НЕ ИМ СЕ ПРОДОЛЖЕНИ ДОГОВОРИТЕ ЗА РАБОТАГрадоначалникот Тони Коњановски денеска изјави дека договорите кои се прекинати до 31 август се обновуваат и се трудат никој да не остане без работа. (Фото: СДК.МК)

    Педагогот ги пречекал дел од првачињата во битолското училиште „Климент Охридски“, зашто на учителката ѝ истекол договорот за работа, вели родител. На самиот почеток на учебната година, опозицијата обвини дека на 50 наставници не им се продолжени истечените договори за работа. Градоначалникот Тони Коњановски денеска изјави дека договорите кои се прекинати до 31 август се обновуваат и се трудат никој да не остане без работа.

    Од училиштето „Климент Охридски“ на нашето прашање дали дел од првачињата ги пречекал педагогот наместо учителката и зошто тоа е така, одговорија дека со пригодна манифестација примиле 122 првачиња , при што биле запазени сите протоколи и законски процедури. Од таму велат дека имаат доволен наставен кадар.

    Од основното улилиште „Коле Канински“ посочуваат и во одделенска и во предметна настава сите наставници биле на работно место. Го посочија само подрачното училиште во Буково каде немаат ни едно прваче годинава, па не може да се ангажира наставник.

    Весна Баковска од Комисијата за образование при СДСМ вчреа на прес-конференција обвини дека околу 50 наствници останаа без работа откако им завршија договорите.

    „Наместо да им се трансформира работниот однос како што налага законот, повеќе од две години се одолговлекува постапката“, рече Баковска.

    Градоначалникот Тони Коњановски изјави дека воспитно-образовниот процес тече во континуитет во училиштата и сѐ е подготвено за почетокот на школската година.

    „Трансформацијата се одвива онака како што треба , ние ги праќаме тие податоци, оние места што се за трансформација ќе се трансформираат. Нема да има наставници без работа, тоа е интенција во овие времиња. Битола е влезена во проект за рационализација, односно оптимизација и не сакаме да го преоптовариме образованието, треба оптимално да се организираат тие паралалки, сведоци сме дека секоја година има помалку деца. Не е точно дека учениците останаа без наставници. Договорите што се прекинуваат на 31 август и се обновуваат, па се трудиме никој да не остане без работа“, рече Коњановски.

    Во Битола во школските клупи денес седнаа 799 првачиња што е повеќе од лани кога имаше 783, но и за 150 помалку од бројот на деца заведени во матичната книга на родени кои денес требаше да тргнат на школо, а очигледно градот ги изгуби во бранот иселување.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира