ВИКЕНДОВ ЕВРОПСКИ ТРКИ ВО ДАЛЕЧИНСКО ПЛИВАЊЕ НА ВЕЛЕШКОТО ЕЗЕРО МЛАДОСТ

    ВИКЕНДОВ ЕВРОПСКИ ТРКИ ВО ДАЛЕЧИНСКО ПЛИВАЊЕ НА ВЕЛЕШКОТО ЕЗЕРО МЛАДОСТОва е најголем меѓународен спортски настан што се организирал во градот, вели Националната пливачка федерација. (Фото: СДК.МК)

    Викендов, Езерото Младост и Велес ќе бидат домаќини на европски спортски настан. Утре, на патеката на езерото ќе се плива Европскиот куп во далечинско пливање, пета трка од шесте предвидени. Стартот е во 11ч. а досега се пријавени 30-тина пливачи во женска и машка конкуренција и ќе пливаат 10 км. Патеката е во должина од 1,6 км и ќе се плива 6 круга. Стартот и целта се од пред хотел „Романтик“.

    „Годинава се одржува 10 јубилеен велешки пливачки маратон. Тој ја потврдува нашата посветеност за спортот и здравиот начин на живот, го прикажува и спортскиот дух на градот и велешани. И временските прилики двата дена се најавуваат дека ќе бидат одлични за пливање“, кажа Иле Попов, претседател на „Клуб 28“ дел од организацијата на маратонот.

    Велес е домаќин заедно со Белград и уште три други града од Италија, Словачка, Израел во Европскиот куп на далечинско пливање, каде трките се одржаа изминатите месеци, а финалето е во Барселона на 23 септември. Ова е најголем меѓународен спортски настан што се организирал во градот.

    „Патеката за сабота е во должина од 2,5 км ќе се стартува во 12ч, трката за деца на 800 метри е во 10,45ч, а аматерите се во 10ч“, рече Роберт Папазов од кајак-кану клубот „Бабуна“ и еден од организаторите.
    Во одржувањето помогнаа и спортските кајак клубови од Велес, Општинската организација на Црвен крст на Велес и нејзината служба за безбедност на вода.

    „За наши услови бројката на пријавени 31 учесник е рекордна од 13 земји. Има два настани, повеќе трки во два дена. Сабота е финалето од националниот куп во далечинско пливање од 2,5 км и аматерска трка. Петмина претставници на Европската пливачка федерација ЛЕН ќе бидат присутни во Велес“, вели Васил Велков од Националната пливачка федерација.

    Учесниците на Европскиот куп во далечинско пливање доаѓаат од Унгарија, Шведска, Германија, Италија, Србија, Бугарија, Бразил, Македонија, Косово,Шпанија, Швајцарија, Франција, Данска.

    Натпреварите се финансиски поддржани од Општина Велес и Националната пливачка федерација, додека наградите за трката за рекреативците ги обезбеди Дине Гуџов.

    „За поздравување е што ваквите трки даваат можности за нашите млади натпреварувачи, пливачи да учествуваат, да се стекнат со искуство. Бидејќи не е се исто пливањето во базен, или на тренинг, искуството се стекнува на вакви трки“, рече Томи Стефановски, од Сојузот за далечинско пливање при Националната пливачка федерација.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира