ПОСЛЕ ЕДНА ГОДИНА НАТЕГАЊЕ ВЛАДАТА ЈА ПРЕЗЕДЕ УНИВЕРЗАЛНА САЛА ОД ГРАД СКОПЈЕ

    ПОСЛЕ ЕДНА ГОДИНА НАТЕГАЊЕ ВЛАДАТА ЈА ПРЕЗЕДЕ УНИВЕРЗАЛНА САЛА ОД ГРАД СКОПЈЕСо оваа одлука правото за реконструкција, доградба и надградба на салата се пренесува на Министерството за култура, а откако ќе биде направена повторно ќе се врати во надлежност на Град Скопје.(Фото: К.Попов)

    Владата конечно ја презеде Универзална сала од Град Скопје бидејќи градоначалничката Данела Арсовска не сакаше да продолжи со реконструкцијата. По една година натегање меѓу неа и Владата, иницијативи на советниците на СДСМ кои не ги гласаа нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ, на последната седница на Советот со мнозинство гласови, одлуката за преземање на концертната сала беше изгласана.

    „За“ гласаа 26 советници односно советниците на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, против беа само советниците од Левица и еден советник беше воздржан.

    Со оваа одлука правото за реконструкција, доградба и надградба на салата се пренесува на Министерството за култура, а откако ќе биде направена повторно ќе се врати во надлежност на Град Скопје.

    Сега Министерството треба да ја заврши првата фаза која ја почна ексградоначалникот Петре Шилегов односно реконструкција на надворшеноста за што веќе има пари и избран е изведувач. Втората фаза предвидува реновирање на внатрешноста на салата.

    Универзална сала не работи 7 години. Почна да се реновира во септември 2021 во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов со пари обезбедени од Владата. Но, по доаѓањето на функција на Данела Арсовска градежните работи беа прекинати. Градоначалничката го обвини минатото раководство на Градот дека е виновно што концертната сала не се гради оти направило небезбеден проект. Арсовска за оваа тема се искара со Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), проектантите и со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на прес-конференцијата која лани во февруари ја свика Министерството за култура во обид да се најде заедничко решение и договор за соработка.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира