РЕДИЦИ НА ПОЛНОЌ ЗА АЈВАРСКИ ПИПЕРКИ ПО 35 ДЕНАРИ КИЛО ВО ВЕЛЕС, РЕДОВНАТА ЦЕНА Е ДО 60 ДЕНАРИ

    РЕДИЦИ НА ПОЛНОЌ ЗА АЈВАРСКИ ПИПЕРКИ ПО 35 ДЕНАРИ КИЛО ВО ВЕЛЕС, РЕДОВНАТА ЦЕНА Е ДО 60 ДЕНАРИЦената на пиперката куртовска капија на пазарот се движи од 45 до 60 денари за килограм, во зависност од квалитетот, а годинава и нема многу. (Фото: СДК.МК)

    Високата цена на ајварската пиперка куртовска капија е причина да има голема побарувачка ако се најде поевтино. Во Велес, на пазарот во Нова Населба во петокот пред полноќ се создала редица и гужва за поевтина ајварска пиперка, која по пристигнувањето бргу се распродала.

    „Низ мубает разбравме дека кај 23ч. треба да дојде црвена куртовска капија по цена од 35 денари за килограм. Тоа време отидов на пазарчето и чекав, но беше забележливо дека има и други лица кои се заинтересирани, оти тоа време никој не чека или шета на пазар без причина. Околу полноќ дојде комбето и се создаде редица, триесетина луѓе бевме. Цената беше таа што ни ја кажаа, 35 денари за килограм. И некој по две, друг по три вреќи, бргу се распродаде пиперката. Ама ние се снабдивме по ланска цена, толку колку се продаваше минатата година и ајвар годинава ќе има на трпезата. И зејтинот за разлика од лани падна на 74 денари за литар“, вели велешанка, која викендов и веќе го зготвила ајварот, а додава дека дека со оваа цена на 20 кила се заштедува колку да се купат уште десетина кила пиперки.

    Таа се присетува дека на времето пред 30-40 години се чекало и за млеко и леб и за детергент, но не помни дека имало редици за ајварска пиперка. Цената на пиперката куртовска капија на пазарот се движи од 45 до 60 денари за килограм, во зависност од квалитетот, а годинава и нема многу.

    Во регионот од Градско, Росоман Сирково, уште пролетта најавија дека ќе има мал род, бидејќи сушата поради хаваријата на системот „Макарија“ уништи дел од расадот. Проценките беа дека се фрли до 90 отсто од расадот.

    Родот на црвената пиперка и во Струмичко е мал поради намалените површини каде се одгледува, а оштетен е и од временските услови оти годинава до средината на јули беше дождливо.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира