КОЖУФ ДА СЕ ПРОГЛАСИ ЗА НАЦИОНАЛЕН ПАРК И ДА СЕ СТОПИРА ИЗГРАДБАТА НА ХИДРОЕЛЕКТРАНИТЕ, БАРААТ ЕКОЛОГИСТИТЕ СО ДЕКЛАРАЦИЈА ДО ВЛАДАТА

    КОЖУФ ДА СЕ ПРОГЛАСИ ЗА НАЦИОНАЛЕН ПАРК И ДА СЕ СТОПИРА ИЗГРАДБАТА НА ХИДРОЕЛЕКТРАНИТЕ, БАРААТ ЕКОЛОГИСТИТЕ СО ДЕКЛАРАЦИЈА ДО ВЛАДАТАОд протестот на 16 септември на Смрдлива Вода на Кожуф против обидот за изградба на две минихидроцентрали на реката Дошница. (Фото: Спас за Гевгелија)

    Во рок од 30 дена Владата да донесе одлука за стопирање на сите активности поврзани со изградбата на мали хидроелектрани на реката Дошница на Кожуф, а во рок од три месеци да почне постапка за прогласување на оваа планина како Национален парк при што Министерството за шумарство и водостопанство (МЗШВ) да изработи проект за подружниците на „Македонски шуми“ во Гевгелија, Демир Капија и Кавадарци да преминат во јавното претпријатие за управување со паркот. Ова се барањата  на еко-активистите во Декларацијата за спас на планината Кожуф што ги доставија до Владата, откако викендов одржаа протест на Смрдлива Вода против изградба на две мини-хидроелектрани на Дошница на Кожуф во областите Папрад и Баров Дол.

    „Доколку Владата не ги исполни овие барања од нашата деларација, ние граѓаните сами ќе ја штитеме планината Кожуф при што ќе ги блокираме сите пристапи до неа“, се вели во Декларацијата.

    Граѓаните сметаат дека Владата треба да ја повлече одлуката за изградба на мини-хидроцентралите на Кожуф, бидејќи оваа планина има огромен потенцијал за алтернативен туризам, но не и за тврди градби.

    „Таква планина има само во Ирска и во Норвешка. Ова е нечепната убавина. Дошница изобилува со чиста вода, кањони, водопади и верувајте, целата река до Демир Капија е под сенка и е најубава во земјава. Доколку се дозволи да се градат хидроелектрани ќе се наруши целиот екосистем на повеќе стотици метри со што целиот животински и растителен свет ќе се уништи на овие два локалитета“, вели Јован Митров, екоактивист и планинар од друштвото „Две уши“ од  Гевгелија.

    Гевгеличани тврдат дека целата постапка за изградба на мини-хидроцентралите на Кожуф била нетранспарентна. Тие со денови дежураат на планината, каде после 8 септември градежна механизација на инвеститорот се упати за да го расчистува теренот. Младите најавија дека со жив штит ќе го бранат Кожуф оти таа планина се белите дробови на Гевгелија, Кавадарци, Неготино и Демир Капија.

    „Кожуф нас нè порасна, Дошница нè пои. Не можеме да останеме глуви и неми на ова постапка. Имаме една јасна и концизна порака до сите кои се намерачиле на нашата планина. Нема да дозволиме да се помрдне ниту еден камен од Дошница, нема да дозволиме да се уништи ниту една тревка на Кожув оти ова планина е нашиот извор за живот“, рече Кристијан Алчинов, претседател на Советот на млади на Гевгелија.

    Еко-активистите ја потсетија власта дека државата, преку претседателот Стево Пендаровски го има потпишано „Климатскиот пакт“ од Глазгов, со што Македонија има превземано обврска како земја потписник да ги стопира сечата и копачење на шумите по кој било основ. Овој пакт дозволува само експлоатација и корисење на падната дрвна маса и стари оштетени дрва.

    Неодамна, премиерот Димитар Ковачевски кажа дека дозволите за изградба на мини-хидроелектраните на Дошница се издадени пред 7 години и ако се повлечат ќе треба да се плаќаат казни на инвеститорот. Сепак, подвлече дека како Влада ќе го слушнат гласот на народот, по што ќе се донесе соодветна одлука што да се прави со двете мали хидроцентрали на Кожуф.

    В. ТРАЈКОВ

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира